fbpx

Gordon Murray го претстави новиот T.33 суперавтомобил

Гордон Мареј, визионерот кој стои зад оригиналниот McLaren F1 го претстави својот втор суперавтомобил во само две години наречен T.33

Gordon Murray Automotive го претстави својот T.33 кој го нарекува „најфиниот GT суперавтомобил на светот“. Станува збор за двосед со централно поставен мотор и е модел кој е фокусиран повеќе на патиштата, за разлика од неговиот поголем „брат“ T.50. Производството е ограничено на само 100 единици, а првите ќе бидат испорачани во 2024 година, а секој од нив ќе чини 1,37 милиони фунти.

Gordon Murray Automotive T.33

GT ознаката на T.33 не значи дека перформансите и забавата зад управувачот се запоставени. T.33 ја споделува платформата со T.50 и двата автомобили добиваат природно аспириран 3,9-литарски V12 мотор развиен од Cosworth. Сепак, новиот суперавтомобил на Gordon Murray добива нови брегасти осовини и нов издувен систем со цел да прилега во поставата на марката. И додека T.50 развива 663 КС и 467 Nm максимален вртежен момент, T.33 има нешто поскромни 615 КС и 451 Nm максимален вртежен момент.

Gordon Murray Automotive T.33

Со својата тежина од околу 1.100 килограми, за која Gordon Murray Automotive истакнува дека е за околу 300 килограми под тежината на конкурентите, заедно со отворот за воздух поставен на покривот, T.33 воопшто нема да ги разочара клиентите кога ќе ја притиснат педалата за гас, велат од GMA. Но, колку точно T.33 е брз, останува да се види бидејќи компанијата се уште нема објавено никакви детали за перформансите.

Gordon Murray Automotive T.33

Решенија за поголема забава зад управувачот

Сепак, познато е дека автомобилот ќе биде достапен со избор за мануелен или автоматски менувач со лопатки, двата развиени од Xtrac со шест степени. Преку нив, моќноста се испраќа на задните тркала преку диференцијал со ограничено пролизгување. Погонот е полуструктуиран со цел да се добие поголема ригидност и респонзивност. Задниот систем на потпирање е поставен директно на куќиштето од трансмисијата.

Моделот се одликува со карбонска монокок шасија исполнета со карбонски панели што гарантира подобра управливост и поголема безбедност. T.33 е создаден да ги исполни безбедносните стандарди во САД и ќе се продава во Северна Америка, покрај Европа. Инаку, T.33 е поставен на 19-инчни тркала напред, односно 20-инчни ипозади, а зад нив се поставени карбон-керамички сопирачки на Brembo.

Секако, аеродинамиката игра клучна улога во чистиот дизајн на T.33. Новиот суперавтомобил се разликува од T50 со тоа што се потпира на активен заден спојлер и технологија која го привлекува автомобилот до земјата. Од GMA истакнуваат дека овој ефект го канализира воздухот долж целиот под на автомобилот, што доведува до канал за отстранување на граничниот слој кој се активира со основно всмукување зад автомобилот. Со други зборови, од компанијата велат дека ова резултира со 30-процентно унапредување во аеродинамичката ефикасност наспроти суперавтомобилите кои користат слични конвенционални ефекти.

Gordon Murray Automotive T.33

Минималистички дизајн со врвна изработка

Во внатрешноста T.33 на Gordon Murray Automotive воопшто нема впечатливи детали и елементи кои го одвлекуваат вниманието. Нема екран на допир, а наместо копчиња тука се ротациските контроли и 4,7-инчниот инструмент кластер. Но, кабината не е целосно ослободена од технологија. Тука се уште се опциите за Apple CarPlay и Android Auto. Но, фокусот е ставен на квалитетот наместо видливите „гаџети“, а доказ за тоа е и фактот што сите контроли се изработени од алуминиум наместо пластика.

Не е занемарена ниту практичноста. Како знак на почит кон McLaren F1, кој беше неприкосновен во свое време во однос на конкуренцијата, T.33 добива преден багажник, плус два странични багажници лоцирани во панелите на задните четвртини.

Gordon Murray Automotive ќе го произведува својот T.33 во своето ново седиште во Сари, Англија кое во моментов е се уште во изградба, но ќе има простор за секој дел од производството, почнувајќи од дизајнот, па се до производството и сервисирањето, а ќе има и своја тест патека.

Поврзани вести

Back to top button