fbpx

Премиера за новиот Alfa Romeo Tonale

Alfa Romeo конечно ја претстави продукциската верзија на новиот кросовер Tonale кој пристигнува во најдобриот можен момент за брендот

Новиот кросовер на Alfa Romeo, моделот Tonale, ја забележа својата премиера како првиот електрифициран модел на италијанскиот бренд кој ќе нуди plug-in хибриден погон. Малиот кросовер се соочува со огромен притисок бидејќи во Alfa Romeo полагаат големи надежжи во него.

Сегментот на мали SUV модели бележи огромен раст во Европа, а рецептот за Tonale дефинитивно ги следи најновите рецепти во овој сегмент. Така, покрај plug-in хибридната варијанта, Tonale ќе се нуди и со два конвенционални хибриди, како и конвенционални мотори со внатрешно согорување. Освен тоа, се најавува и многу поквалитетен ентериер во однос на останатите (поскапи) модели во опсегот. Исто така, Alfa Romeo тврди дека вметнале и неколку методи со цел да се осигураат силни вредности, вклучувајќи и користење на NFT технологија.

Alfa Romeo Tonale

Дизајн кој ја следи насоката на концептот

Во однос на концептот од 2019, продукцискиот модел делува помалку агресивно благодарение на нешто помалите предни и задни светла, а тука се и конвенционалните рачки за вратите во спротивност на она што беше прикажано кај концептот. Во секој случај, Alfa лансира производ кој ги исполнува ветувањата кои беа дадени пред три години, барем кога се однесува на екстериерот. Моделот ќе се нуди со стандардни 18-инчни тркала, а како опција ќе можат да се бираат 19 и 20-инчни.

Под „кожата“ се наоѓа еволуција на постарата FCA платформа која може да се најде на модели како Jeep Compass, но со поширок траг и поголемо користење на алуминиум и модификации направени за да се вметнат новите хибридни погони. Со должина од 4.530 и висина од 1.600 милиметри, Tonale е за 46 милиметри подолг, односно 16 милиметри понизок од Audi Q3 кој ќе му биде еден од најголемите конкуренти.

Од Alfa исто така велат дека 13.6:1 соодносот на управливоста е најбрзиот во класата, а со Brembo сопирачките, FSD стандардните Koni амортизери и опционалните адаптивни верзии, Tonale ќе биде позабавен за возење во споредба со просечните мали SUV модели. Сепак, нема механички диференцијал со ограничено пролизгување, но тука е верзија базирана на сопирачките со цел да помогне со управливоста при високи брзини.

Alfa конечно се електрифицира

Италијанскиот бренд досега заостануваше во однос на автомобилските трендови. Но, тоа се менува со претставувањето на Tonale, кој добива две конвенционални хибридни варијанти. Двата регуларни хибриди се составени од 1,5-литарски четирицилиндрични бензински мотори во комбинација со 48-волтен kW електромотор. Базичниот модел испорачува 130 КС пред да се додадат 21 КС од електромоторот, но поскапата верзија добива VGT систем кој ја зголемува моќноста на агрегатот на 160 КС и го добива истиот електричен додаток од 21 КС.

Двата модели овозможуваат стартување, крстарење и паркирање со користење на исклучиво електрична енергија, а Alfa ветува економичност еднаква на дизелските мотори. Но, за оние кои сакаат PHEV или сакаат нивниот Tonale да има погон на сите ечтири тркала, тогаш ќе мораат да се одлучат за Q4 верзијата. Tonale Q4 PHEV добива помал агрегат, односно 1,3-литарски MultiAir кој ја придвижува предната оска, додека на задниот дел е поставен електромотор. Погонот е базиран на пакетот кој беше претставен во 2020 со Jeep Compass 4xe, но наместо вкупна системска моќ од 240 КС, Tonale има 275 КС. Благодарение на ова, спринтот од место до „стотка“ се достигнува за 6,2 секунди, додека за останатите верзии нема детали за перформансите.

Исто така, Tonale добива батерија од 15,5 kWh, што овозможува опсег од 80 километри исклучиво на струка во градски услови, односно 60 километри во комбинирани услови.

Alfa Romeo Tonale

Инженерите на италијанскиот бренд истакнуваат дека иако платформата е првично направена за автомобили со мотор на внатрешно согорување, таа може да се користи и за производство на целосно електричен Tonale во иднина и тоа е голем приоритет за нив. Сепак, извршниот директор на Alfa Romeo, Жан-Филип Импарато претходно потврди дека првата електрична Alfa ќе дебитира во 2024, како и дека компанијата размислува за Quadrifoglio ЕВ варијанти.

Висок квалитет во ентериерот и без мануелен менувач

Alfa Romeo донесе одлука да не нуди мануелен менувач кај новиот Tonale, а од компанијата велат дека целта е да се позиционира како премиум производ, што само по себе значело отфрлање на опцијата со три педали. Сепак, како мала утеха тука се големите алуминиумски лопатки на управувачот кои нудат чувство како да сте во суперавтомобил. Кога станува збор за ентериерот, тој дефинитивно изгледа поразлично од било што друго што сме виделе кај продукциски модел на Alfa.

Пред возачот се наоѓа 12,5-инчен TFT инструмент кластер со конфигурирачки опции, чија форма го задржува препознатливиот облик на моделите на италијанскиот бренд. Покрај него, тука е и новиот 10,25-инчен екран на допир кој користи Uconnect 5 инфозабавен систем, кој е потпомогнат од Amazon Alexa за комуникација меѓу вашиот дом и возилото. Системот има бежична конекција за Android Auto и Apple CarPlay

На основата на конзолата, поставено под агол за разлика од претходно, се наоѓа препознатливиот DNA селектор за возачки режими кој може да се користи за промена на карактерот на управливоста, гаста и адаптивните амортизери, но сега исто така го модифицира и однесувањето на електричниот погон кај хибридните модели.

Alfa Romeo Tonale

Едноставна моделска постава

Во Alfa се одлучија да ги држат работите едноставни, нудејќи го Tonale само во Super и Ti нивоа на опременост. Се уште не е познато што тие ќе нудат, а секако понудата ќе варира зависно од пазарот, но Alfa ќе овозможи секој од нив да биде опционално дограден со свои уникатни пакети за унапредување. Super варијантите можат да бидат модифицирани со Sprint пакет, а Ti купувачите можат да го унапредат својот Tonale во Veloce.

Покрај најдобрите возачки динамики во класата, со кои Alfa Romeo се гордии години наназад, сега во италијанската компанија одлучија да додадат уште еден адут кој ќе помогне во совладувањето на конкуренцијата. Имено, новиот Tonale ќе има продолжена гаранција до пет години и ќе ги покрива батериите на хибридите на осум години или 150.000 изминати километри. Освен тоа, Alfa исто така направи и Videocheck систем со цел да ја подобри транспарентноста која дополнителни поправки се потребни покрај оние оригиналните поради кои сте го посетиле сервисот. Тој бара од мајсторите да работат согласнос инструкциите на мобилната апликација и да покажат видео на клиентите во кои се посочуваат причините за дополнителната работа.

Ако тоа не е доволно, од Alfa Romeo велат дека се првите во автомобилската индустрија кои користат NFT технологија. Овие „non-fungible tokens“ кои го освојуваат светот ќе му овозможнат на клиентот, со негово знаење, да ги снимаат податоците околу автомобилите кои подоцна ќе можат да се искористат за зацврстување на преостанатите вредности со докажување дека автомобилот бил правилно одржуван.

Од Alfa Romeo не ги открија цените за новиот Tonale, а истите ќе можат да се очекуваат како што ќе се наближува датумот на лансирањето на моделот на пазарот. Нарачките ќе бидат отворени во април со ексклузивната Edizione Speciale едиција.

Поврзани вести

Back to top button