fbpx

Втора етапна победа за Ал-Атија

Насер Ал-Атијах на Toyota ја освои и втората етапна победа на релито Дакар 2018, откако заврши прв во третата фаза од Писко до Сан Хуан де Маркос (296 km)

Етапата ја одбележа повредата на Нани Рома на Mini, кој ја заврши фазата и покрај превртувањето, но сепак по укажаната медицинска помош се регистрирани контузии и вратот, кои според лекарско мислење не дозволуваат да продолжи со учествува на релито.

Ова го соопшти тимот на Шпанецот, X-Raid, кој додаде дека навигаторот на Нани, Алекс Харо, минал без посериозни повреди. Инаку, Рома беше пренесен со хеликоптер до аеродромот во Ика, од каде полета за главниот град на Перу, Лима, за да се направат потребните медицински испитувања.

Делницата се покажа многу тешка и за уште една ѕвезда на Mini, Мико Хирвонен, кој загуби над час и половина поради оштетување и запре на средината на етапата, за да го отстрани проблемот. Така новата изведба на Mini за овогодинашниот предизвик се покажа не доволно конкурентна да се бори со остварувањата на Peugeot и Toyota.

Ал-Атијах

Инаку, победникот Ал-Атијах не беше прв само на првата контрола.

Во финишот тој ги потврди вредностите и го надмина својот главен конкурент, Стефан Петерхансел, за речиси 4 минути. Второто место во фазата, му овозможи на Петерхансел да избие на првата позиција во вкупниот пласман, односно да го потисне досегашниот лидер Сирил Депре, кој во оваа етапа заостана речиси 8 минути зад победникот. По првите три етапи, Петерхансел има предност од 3,11 минути пред Депре, а Ал Атијах е на 7,43 минути зад лидерот.
Ал-Атијах

Победникот од минатата година кај мотоциклистите, Сем Сандерленд, ја освои третата етапа – втора победа за него и четврта во неговата кариера во релито. Британската ѕвезда на КТМ беше на чело на првите три контроли, потоа пред него се најдоа клубскиот колега Тоби Прајс и Пабло Кинтанила на Husqvarna.

Кинтанила имаше реална шанса да ја освои етапа, но загуби 4 минути во последните километри и тоа во целост го искористи Сандерленд. Досегашниот лидер, Хоан Бареда со Honda, загуби речиси половина час поради грешка во навигацијата и потона на табелата. По три фази Сандерленд води со 4,38 минути пред Кевин Бенавидес со Honda, следен од Кинтанила и Прајс.

Федерико Вилагра со Iveco ја освои делницата во конкуренција на камионите, па тој сега е главниот ривал на ѕвездата на Камаз, Едвард Николаев, во битката за круната. Во текот на фазата Николаев имаше предност од 7 минути пред Вилагра, кој сепак успеа да го победи со 35 секунди.

По три фази Николаев останува на врвот, со дури 9 минути предност пред Вилагра. Тројца од другите претенденти за тронот загубија над еден час – Дмитриј Сотников со Камаз, клубскиот коелега на Вилагра, Тон ван Генугтен и Алеш Лопрајс со Tatra.

Поврзани вести

Back to top button