Тест Opel Grandland: Унапредувања кои живот значат
Со цел да ја задржи компетитивноста на пазарот, марката Opel подготви низа унапредувања на својот најголем SUV во понудата. Измените се видливи на екстериерот со што Grandland се приклува кон новиот корпоративен дизајн, од друга страна во кабината е изменет целиот кокпит кој сега отворено им се додворува на новите генерации на возачи.
Во 2017 година Grandland X беше првиот производ по одвојувањето од американскиот гигант General Motors и припојувањето со PSA Peugeot-Citroen групацијата, според која Opel и двете француски марки започнуваат со делење на компоненети за некои модели. Под капата на PSA, денес Stellantis, германскиот Opel ги спречи своите незапирливи загуби и со пофокусирана палета на модели сега повторно се врати во позитива за прв пат по подолг период. Новиот ветар што дува во германската компанија за Grandland значи дека е време за освежување, но со ветувањето на Opel дека ќе стане целосно електричен бренд до 2028 година, тоа исто така значи дека има ограничување на она што може да се измени.
Ново лице за подобар прв впечаток
Најголемата промена што ќе ја забележите однадвор на Grandland се разбира е неговото ново лице што е изведено во стилот „Vizor“ и поставено на црна плоча, варијации на темата веќе се користат како нов препознатлив изглед на помалите кросовери Mokka и Crossland, а од неодамна и кај новата генерација на Astra. Во дадениот модел Визорот – сметаме дека малку ја стеснува /визуелно/ предницата и не додава на реалната големина на моделот. Новата предна визуелизација со тенки LED светла на надворешните рабови доловува уредно скроен и многу покарактеристичен изглед од колку старото „лице“ на Grandland. Некои мали промени во стилизирањето се забележливи и на задниот дел, додека профилот изгледа речиси идентично, но со една мала разлика во нашиов случај, а тоа е двобојната комбинација на каросеријата која што доаѓа како стандарден дел од GS Line пакетот на опременост.
Дигитализацијата како главна новина
Во внатрешноста главната новина доаѓа во форма на дигиталниот кокпит на Opel наречен „Pure Panel“, кој се состои од два екрани, 10-инчен екран поставен централно што е наменет за инфо-забавниот систем, додека 12-инчниот конфигурабилен екран е сместен пред возачот и ги заменува аналогните инструменти. Унапредување кое дефинитивно му дава на Grandland доза на подобрен квалитет на кабината. Од друга страна иако со повеќето функции се командува преку екраните, оставени се „хардверските“ контролни копчиња за управување со климатизацијата, мал детал што ги прави подесувањето на температурата и брзината на дување крајно едноставно и брзо.
Како и предходно, предните седишта се одлични, со цврста потпора и многу удобни при подолги рути. Просторот во задниот дел е во склад со класата, што значи дека три лица можат без поголем проблем да патуваат и на подолги тури. Како доста важен дел во овој сегмент се истакнува и багажниот простор кој кај овој модел се фали со зафатнина од 514 литри во основната конфигурација, а со соборување на задната клупа се добиваат максимални 1.642 литри искористлив волумен.
Мал но вреден сопатник
Моторзацијата на овој модел е составена од еден класичен трицилиндричен турбо бензинец, еден турбо дизелски агрегат и две хибридни опции, кај појмоќниот од хибридите се нуди и погон на сите тркала. Во нашиот случај, основата на тестираниот Grandland ја сочинува 1,2 литарски турбо бензинец целосно изработен од алуминиум со моќ од 130 КС и максимален влечна сила од 230 Nm достапни од ниски 1.750 врт/мин. Иако на прва делува мал по волумен, агрегатот достојно ја носи речиси 1,4 тони тешката каросерија во секој момент. Голема улога игра во случајов игра и автоматскиот менувач со 8 брзини кој силата ја пренесува исклучиво кон предните тркалата и својот дел од задачата го извршува максимално добро во секое зададено сценарио.
Постигнувањата во оваа конфигурација се еднакви на максимални 196 км/ч, а за забрзување од место на мирување до 100 км/ч потребни се малку повеќе од 10 секунди. За време на неколкудневното дружење при комбинирано возење во просек ни беа потребни 8,7 литри на секои 100 изминати километри, податок што е речиси идентичен како и останатите преставници во оваа класа. Она што ни го привлече вниманието кај обновениот Grandland дефинитивно беше минималната бучавост при возење со поголема брзина, исто така автомобилот се исакна и со стабилноста во свиоците, но во исто време до израз дојде и коректно удобната подесеност на суспензијата.
При возењето на Grandland секогаш се наметнува прашањето каде е неговото место во споредба со своите „браќа“ со кои дели голем дел од компонентите, Зад управувачот се чувствува дека му недостига прецизноста во управувањето на Peugeot 3008, додека во поглед на суспензија е помалку удобна од Citroen C5 Aircross. Поставувајќи се точно на средина помеѓу овие два модели, Grandland создава реален компромис за сите семејни купувачи кои понекогаш сакаат да го покажат својот ентузујастички стил, а притоа да не изгубат многу од секојдневниот комфор во возењето.
Цена на тестираниот модел: 34.610 евра
Технички спецификации за Opel Grandland GS Line 1.2 130 HP AT8
Мотор | Euro VI, бензински, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.199 cm3 |
пречник и од | 90.5 x 75.0 mm |
степен на компресија | 10.5:1 |
Напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 130 KС (96 kW) при 5.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 230 Nm при 1.750 min-1 |
Трансмисија | на предни тркала преку 8 степен автоматски менувач |
Потпирање | напред Мекферсонов систем, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред самовентилирачки дискови назад вентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | 225/55 R18 (напред) 225/55 R18 (позади) |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.477 x 1.856 x 1.609 mm |
меѓуоскино растојание | 2.675 mm |
траги (напред/назад ) | 1.595/1.601 mm |
Тежина | 1.386 kg |
максимална тежина | 2.000 kg |
Багажник | 514/1.642 литри |
Резервоар | 53 литри |
максимална брзина | 196 km/h |
забрзување 0-100 km/h | 10.3 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5.0/6.3/5,8 l/100 km |
емисија на CO2 | 137 g/km |
Opel Grandland во Македонија
Opel Grandland 1.2 130 HP М6 | 27.730 евра |
Opel Grandland Business Edition 1.2 130 HP М6 | 29.710 евра |
Opel Grandland Business Elegance 1.2 130 HP AT8 | 36.740 евра |
Opel Grandland GS Line 1.5HDi 130 HP AT8 | 36.140 евра |
Opel Grandland Ultimate 1.2 130 HP AT8 | 41.460 евра |
Opel Grandland Ultimate 1.5HDi 130 HP AT8 | 44.410 евра |
Повеќе информации на www.opel.mk
Конкуренти
Toyota RAV4 | oд 35.490 до 54.390 евра |
Peugeot 3008 | oд 31.420 до 65.110 евра |
Ford Kuga | oд 32.900 до 46.900 евра |
Seat Ateca | oд 26.629 до 39.376 евра |
Kia Sportage | oд 24.900 до 41.900 евра |
Nissan Qashqai | oд 28.900 до 42.900 евра |