Новиот Toyota Aygo X претставен во Македонија
Неколку месеци по глобалната премиера, целосно новиот Toyota Aygo X сега е претставен во Македонија и е достапен за македонските купувачи
Aygo X е новата визија на Toyota за авантуристички градски автомобил и е наследник на „обичниот“ Aygo кој заминува во историјата. За разлика од неговите „роднини“ Citroen C1 и Peugeot 107, Toyota одлучи да го задржи малиот автомобил, но подготви порадикален пристап за новата генерација која сега пристигна и на македонскиот пазар.
Како еден од малкуте преостанати производители кои се уште инвестираат во А-сегментот, Toyota реши да им понуди на европските купувачи „компактен урбан кросовер“. Концептот е дизајниран во Франција, а продукциската верзија е развиена во Европа. Дизајнерите на Toyota завршија одлична работа трансферирајќи го дизајнот од концептот на продукцискиот модел и конечниот резултат на Aygo X е навистина одличен.
Кросовер третман
За разлика од своите претходници, целосно новиот Aygo X е базиран на сопствената GA-B платформа на Toyota на која исто така се поставени и Yaris и Yaris Cross, со намалени надвиснувања. Секако, станува збор за најкомпактниот модел во опсегот на Toyota со должина од 3.700, ширина од 1.740, висина од 1.525 и меѓуоскино растојание од 2.430 милиметри. Новата платформа донесе поголем отпечаток, со дури 235 милиметри поголема должина во однос на претходникот, а тоа резултира со поголем простор за задните патници и поголем багажник, чиј капацитет сега изнесува 231 литар (168 литри кај претходната генерација).
Кросоверскиот изглед е нагласен благодарение на пластичните заштити околу сводовите над тркалата, што се совпаѓа со двобојниот третман на извајаното тело. Full LED фаровите и задните светла имаат модерни графики, додека формата на страничните прозорци додава и спортски микс во конечната изведба. Aygo X добива некои одважни бои како Cardamon, Chilli, Ginger и Juniper, сите комбинирани со црна боја на Б-столбовите, покривот и задниот дел.
Урбан и модерен дизајн
Дизајнот на ентериерот е насочен кон помладата популација. Фокусот е ставен на 9-инчниот екран на допир со Toyota Smart Connect инфозабавниот систем, бежични унапредувања и клауд навигација. Тука е и трикракиот управувач со интегрирани копчиња, мал екран на инструменталниот кластер, амбиенталното осветлување и JBL аудио систем со четири звучници. Возачкото седиште е 55 милиметри повисоко во однос на претходниот модел со унапредена прегледност напред благодарение на зголемените агли на А-столбовите. Инженерите на Toytoa исто така ја унапредија и звучната изолација и велат дека е меѓу најдобрите во А-сегментот.
Новиот Aygo X пристигнува со само една опција за погонот и тоа со природно аспирираниот 1,0-литарски трицилиндерски бензинец кој испорачува 72 КС и 93 Nm максимален вртежен момент. Моторот пристигнува во комбинација со петстепен мануелен менувач или S-CVT автоматик кои ја испраќаат моќност до предните тркала.
На македонскиот пазар новиот Aygo X ќе се нуди во четири нивоа на опременост – Joy, Play, Pulse и Envy, а почетната цена изнесува 13,490 евра. За повеќе информации посетете го продажниот салон на Toyota во Скопје или официјалниот сајт www.toyota.com.mk.