Етапна победа и за Карлос Сајнс
Шпанската ѕвезда на Peugeot, Карлос Сајнс ја освои шестата етапа на релито Дакар 2018 од Арекипа до Ла Паз (313 km) и заврши со предност од 4,06 минути пред лидерот во генералниот поредок, неговиот клупски колега, Стефан Петерхансел
Специфично за оваа етапа што една од контролните точки беше на 4.000 метри надморска височина, а оваа делница на свој начин го обележува влезот на релито во Боливија. Специјалците беа поделени на два дела, а меѓу нив организаторите предвидоа зона за неутрализација со должина од 238 километри. На крајот на првиот натпреварувачки дел со должина од 118 километри Сајнс пристигна прв, со предност од 2 минути, а пред тоа вреди да се напомене дека како прв мина и на трите контроли во етапата.
Во вториот дел од фазата Сајнс не допушти изненадувања, повторно наметна темпото и ја удвои предноста пред целта. Петерхансел не ризикуваше да го нападне клупскиот колега и загуби малку време во однос на Карлос, па по шестата фаза предноста пред Сајнс во вкупниот пласман е 27 минути. Зад нив се тројцата пилоти на Toyota, од трета до петта позиција, Бернард тен Бринкли е трет, на 1,21 часа од Петерхансел, Насер Ал Атија е четврти со плус 4 минути на ова, а Жинел де Вилиарс е петти, со дополнителни 11 минути од Катарецот.
Поради лошото време фазата за мотоциклистите беше скратена, но и покрај тоа имаше тесна битка за победа. Беа откажани првите 119 тркачки километри и стартот беше поместен близу до езерото Титикака. Делницата беше освоена од Антоан Мео, кој ја забележа својата трета фазна победа на Дакар со предност од половина минута пред Тоби Прајс и Кевин Бенавидес, кои финишира со идентично време.
Ова му овозможи на Бенавидес да излезе на чело во вкупниот пласман пред денот за одмор со Ла Паз, бидејки досегашниот возач Адриен ван Беверен финишираше со 3,27 минути зад Мео, а пред почетокот на делницата предноста пред Бенавидес беше само 1 минута.