Rolls-Royce почнува да го претставува Cullinam на купувачите
Rolls-Royce планира да го претстави својот прв SUV модел најпрво на потенцијалните купувачи, на посебни средби, што ќе започнат ова лето, по што ќе стартува со продажба во своите дилерски центри низ светот
Како што е познато британскиот гигант се подготвува да го нападне сегментот на супер луксузни спортски SUV изданија, каде што ќе бие битка за пазарот со Bentley и Lamborghini. SUV моделот се развива под името Cullinam и за последен пат папараците го „уловија“ за време на тестовите на Северниот лак на Нирбургринг, по што протекоа информации дека инженерите на компанијата финишираат со поставките за управувањето на возилото.
Новиот SUV ќе е втор модел на Rolls-Royce, кој ќе ја користи алуминиумската платформа на марката, врз која е изграден и новиот Phantom. Главниот извршен директор на Rolls-Royce, Торстен Милер-Отвос објасни минатата година при претставувањето на Phantom дека алуминиумската платформа е уникатна за брендот и многу важна за клиентите.
-Клиентите на Rolls-Royce не сакаат да им понудиме Audi Q7 со камуфлажа, објасни Милер-Отвос
Потсетувајќи дека Bentley Bentayga користи платформа на VW Group, која е база и кај Q7 и Lamborghini Urus.
Се претпоставува дека SUV моделот на Rolls-Royce ќе користи V12 мотор со две турбини, кој е вграден и кај седанот Phantom. Се очекува дека со продажбата на Cullinam, Rolls-Royce да ја надмине бројката од 5.000 возила годишно.
Во 2016 година, компанијата пласираше 4.011 единици, но во 2017 година евидентиран е пад од 16%, или 3.362 автомобили. Премиерата на новиот модел се очекува да биде во крајот на летото, продажбата започнува на крајот на оваа година, а клиентите ќе ги добијат првите автомобили во почетокот на 2019 година.