Bizzarrini Giotto Hyper GT e ремек дело со Cosworth V12 под хаубата
Егзотичниот Bizzarrini Giotto Hyper GT е дизајниран од Џуџаро, со благи референци на класичниот Bizzarrini 5300 GT
Bizzarrini објави повеќе фотографии и информации за претстојниот Giotto, продолжувајќи со испораките на серијата 5300 GT Corsa Revival. Новиот егзотичен „Hyper GT“ е потпишан од GFG Style и ќе биде опремен со атмосферски V12 мотор од Cosworth со технологии инспирирани од мотоспортот.
Ова е прв пат да биде објавен изгледот на прототипот на Bizzarrini Giotto, откако претходно беа објавени скици и тизери во февруари оваа година. Каросеријата од карбон е дизајнирана од Џорџето и Фабрицио Џуџаро од нивното студио GFG Style во Торино. Ова е соодветен избор бидејќи италијанскиот мајстор за автомобилски дизајн беше силно вклучен во создавањето на оригиналниот Bizzarini 5300 GT додека работеше за Bertone во 60-тите години на минатиот век.
Giotto е именуван по легендарниот инженер и основач на компанијата, познат по учеството во развојот на Ferrari 250 GTO пред да го дизајнира оригиналниот Lamborghini V12. Новиот V12 мотор произведен од Cosworth има зафатнина од 6,6 литри, или поточно 6.626 кубика, што исто така е потсетник на датумот на раѓање на Џото Бизарини (6 јуни 1926 година).
Деталите се уште во тајност
Bizzarrini не ги објави бројките за моќноста и вртежниот момент на атмосферската единица, но рече дека „ќе ги исполни сите светски законодавни регулативи и регулативи за емисија на штетни гасови“ додека се надева дека ќе „испорача врвна вклученост и возачко искуство“. Моделот е заснован на шасија од карбон од непознато потекло, користејќи „технологии и производни процеси развиени во врвниот мотоспорт“.
Крис Порит, техничкиот директор на Bizzarrini со претходно искуство во Aston Martin, Tesla, Apple и Rimac, рече: „Имаме јасна визија за Giotto, водена не од времето на кругот или рекордите за забрзување, туку од емотивниот ангажман и на возачот и на патникот“.
Повеќе детали за претстојниот хиперавтомобил се очекуваат во следниот период, а во меѓувреме развојот продолжува, додека тестирањата во реални услови на пат треба да започнат кон крајот на 2024 година.