Тест Škoda Enyaq Coupé: Суштина со адекватно храбар стил
Моделот Enyaq е еден од најпрепознатливите нови автомобили на брендот Škoda во последните години. Целосно електричниот SUV дигна многу прашина, а задолжението да го направи чекорот напред во транзицијата го базира на основа која почива на способна електрична моторизација и одличната батериска технологија, тука се надоврзува и остриот дизајн на „купе“ изведбата, високото ниво на завршна обработка и квалитетот на употребените материјали.
Моделот Enyaq Coupé дели многу со класичниот SUV Enyaq, но сега се е спакувано во поспортски и поелегантен пакет. Ќе речете, SUV, електричен па уште и „купе“, зарем тоа не звучи сосема неправилно? Но, присетете се само на BMW X6 и лавината која ја предизвика со неговото појавување! Сега дури и некои конзервативно орентирани компании се одлучуваат за модели во овој или сличен стилски израз. Така е, сите производители се обидуваат да направат своја интерпретација на темата. Изгледа дека нема смисла, но поради некоја причина сите ги преферираат, а што е најважно овие варијанти се барани и одлично се продаваат.
Остар чешки кристал
Кога говориме за надворешноста на Enyaq Coupé мора да истакнеме дека возилото е изведено со извонреден стилски облик, спортско елегантните пропорции се претопуваат во целокупната естетика,. „Купе“ изведбата е еден од по стилски креираните автомобили со кои сме се сретнале во последниов период, а ова мислење го потврдија и голем број минувачи кои љубопитно не распрашуваа за него. Контрастните црни елементи поставени на белата основа кај „нашиот“ примерок го дополнувааат доживувањето, а осветлената стилизирана решетка на ладилникот (Crystal Face) го подига за ниво погоре, особено навечер. Ова јасно ја покажува траекторијата што Skoda ја трасира како бренд кој создава автомобили што поседуваат вистински модерен пристап и силно присуство на асфалтот.
Бидејќи го спомнавме обликот, веднаш се наметнува и прашањето за практичноста? Таа страна вели дека багажниот дел е помал за 15 литри, додека просторот за главата на патниците во задниот ред е незначително ограничен, (исклучиво за екстра високите патници) за разлика од стандардниот Enyaq, но не е проблематично во ниту еден од двата случаи. Севкупно, она што Skoda го прави во поглед на дизајнот во последно време е полн погодок. Острите линии, самоуверниот став и цврстиот пристап можете да ги проепознаете низ целата надворешност на Enyaq Coupé.
Нови правила за практична примена
„Шкодите“ се познати по просторот и практичноста, а ниту Enyaq Coupé не е исклучок. Внатрешноста делува пространо и комфорно, она што е особено важно е дека нуди одлично искуство во кабината. Квалитетот на сите употребени материјали е исклучително добар со многу панели кои се меки на допир и минимална примена на тврда пластика. Се делува целосно минималистички, но сепак некако успева да создаде пријатно и топло опкружување. Кабината носи дизајнерски карактеристики што го прават малку поостар и поагресивен од некои негови конкуренти.
Пред возачот е поставен мал 5,3 инчен екран на кој се проектираат примарните информации, а во пакет кај тестираниот примерок е вграден и „хедап“ дисплеј кој со помош на виртуелна реалност помага во управувањето и снаоѓањето во просторот. На средината од централниот гребен високо е поставен екранот на допир од 13 инчи кој контролира речиси се во автомобилот, работи исклучително брзо и интуитивно што предходно не беше особина на некои возила од групацијата. Радува фактот што не се заборавени „шорткатите“ во физичка форма кои ве носат директно до однапред дефинирани функции. Дополнително, поврзувањето со двата доминантни оперативни системи на мобилните телефони се одвива по безжичен пат, во исто време додека вашиот телефон се полни безжично со моќност од 15W.
Панорамскиот покрив создава чувство на отворен простор со многу светлина што продира во кабината, момент кој ја прави атмосферата поудобна, а најдобриот поглед е резервиран за патниците одзади. Enyaq Coupé, како и многу електрични возила во групацијата на VW се базира на платформата MEB. Ова електро-посветена платформа им овозможува на дизајнерите да градат од нула, создавајќи повеќе можности за простор и практичност. Затоа, Enyaq има многу дарежливи габарити за патниците на задната клупа и во транспортниот дел. Со 570 литри во основната конфигурација багажникот исполнува повеќе од што треба за 4 члено семејство, практичниот дел следи кога ќе се соборат задните седишта по што се добиваат енормни 1.700 литри транспорен дел.
Моќен двигател и погон позади
Во тестираниот примерок под ознаката 85 за производство на сила е задолжен електричен двигател чија моќност изнесува 210 kW (285 КС) и создава влечна сила еднаква на 565 Нм, наведените вредности се достапни веќе од 0 врт/мин. Со овој облик забрзувањето од место до 100 км/ч се одвива за 6,7 секунди, а максималната брзина е електронски ограничена на 180 км/ч. Во случајов менувачот ја испраќа енергијата кон задната осовина, по избор се нуди и во форма со погон на сите тркала. Наше мислење е дека погонот само на задните тркала ќе ги задоволи секојдневните потреби во повеќе од 95% купувачи. Прашувате зошто? Погонската група составена од електричниот мотор и автоматскиот менувач со една брзина, поставени на задната оска функционира одлично, првенствено затоа што ја ослободува предната оска од должност да го придвижува возилото и наместо тоа треба единствено да се грижи за контрола на правецот.
Бенефитот се забележува во кругот на вртење кој е само 10,2 метри, што е подобар дури и од првиот EV на марката, малиот градски автомобил Citigo. Резултат на оваа опција е извонредното маневрирање за својата големина низ густиот градски сообраќај, бидејќи масата на овој модел е помала, значи и дека потрошувачка ќе биде пониска. За батерискиот пакет од 82 kWh (достапни 77 kWh) производителот декларира радиус на движење од 565 километри со едно полнење, се разбира доколку сето тоа се одвива во идеални услови, по одреден начин и брзини на движење во сообраќајот.
Нашето искуство вели дека во зима, кога и ни беше одстапено возилото просечно трошевме 18.1 kWh, во предвид треба да се земе дека во истиот период темпратурата на воздухот се движеше од -2 до 6 степени. Во овој период од годината 400 километри не се никаков проблем, со порастот на просечните температури очекувајте и опсег на движење кој во мешана употреба (град и отворен пат) да се зголеми од 15%. до 20%.
Начинот на дополнување на електро ќелиите е изведен по принципот на AC 11 kW полнач кој може да ја наполни батеријата од 0-100% за 7:30 минути или на брз DC полнач од 135 kW преку кој енергијата од 5 до 80% ја складира за 28 минути. Возењето со Enyaq Coupé поставен на 21 инчни тркала и нископрофилни пневматици на прва одава впечаток дека удобноста е ставена во втор план. Сепак, овде се вмешува шасијата која успева да ги испегла несовршеностите на патот со импресивна смиреност.
Škoda Enyaq Coupé остава моќен визуелен впечаток кој е надополнет со издржани перформанси, леснотијата во секојдневната употреба, удобност која е на завидно ниво и простор што наликува на добро среден „лаунџ рум“. Чесите не се потпираат на успехот од минатото. Напротив, брзо се адаптираат на новите услови и силно притискаат во зацртаниот правец.
Цена на тестираниот модел 66.300 евра
Технички податоци за Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline:
Мотор | Електричен |
максмална моќ | 210 kW (285 КС) |
макс. вртежен момент | 545 Nm |
Трансмисија | На задни тркала преку директен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред дискови назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | напред: 235/45 R21 назад 255/40 R21 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.653 х 1.879 х 1.621 мм |
меѓуоскино растојание | 2. 765 мм |
траги (напред/назад) | 1.587 / 1.565 мм |
тежина | 2.145 кг |
максимална тежина | 2.650 кг |
багажен капацитет | 570/1.700 литри |
максимална брзина | 180 км/ч |
забрзување (0-100 км/ч) | 6,7 секунди |
капацитет на батерија | 77 kWh (бруто 82 kWh) |
измерена просечна порошувачка на ел.енергија | 18,1 kWh/100 km |
времетрање на полнење | AC 11 kW 0-100% 7:30 мин, DC 135 kW 5-80% 0:28 мин. |
декларирана автономија на движење | 565 километри |
емисија на CO2 | 0 г/км |
Škoda Enyaq Coupé во Македонија:
Škoda Enyaq Coupé 85 | 55.620 евра |
Škoda Enyaq Coupé 85x | 57.790 евра |
Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline | 62.070 евра |
Škoda Enyaq Coupé 85x Sportline | 64.240 евра |
Повеќе информации во Škoda Македонија, на (0) 2 26 03 757 или на www.skoda.com.mk
Конкуренти:
Hyundai IONIQ5 | од 47.000 до 65.000 евра |
Toyota bZ4X | од 50.990 до 62.990 евра |
Volkswgen ID.5 | од 63.504 до 72.113 евра |
Ford Mustang Mach-E | од //. /// до 89.000 евра |