Alpine ја оживува легендата со А310 Vision Concept

Alpine го претстави A310 Vision, концепт инспириран од оригиналниот A310, поставен на новата електрична APP платформа и најава за идниот GT

Европските производители сѐ почесто инспирацијата ја бараат во сопственото наследство, а Alpine е меѓу најновите што го прават тоа. Францускиот бренд го претстави концептот A310 Vision, спектакуларно купе кое оддава почит на оригиналниот Alpine A310 по повод 55 години од неговото деби, истовремено покажувајќи како би можел да изгледа идниот електричен спортски GT на компанијата.

Иако Alpine нагласува дека концептот не претставува директна најава за сериски модел, многумина веруваат дека токму ова е најдобриот увид во следната генерација на A310.

Alpine A310 Vision Concept

Модерен дизајн со препознатливи ретро детали

Оригиналниот Alpine A310 се произведуваше од 1971 до 1984 година како француски конкурент на Porsche 911. Новиот концепт ги задржува клучните стилски елементи на својот претходник, но ги интерпретира на современ начин.

Предниот дел се одликува со многу ниска силуета, тесни LED светла, масивен преден сплитер, агресивен браник и скулптурирана хауба. Карактеристичните проширени предни крила остануваат дел од дизајнот, а страничниот профил открива остри линии, големи двобојни тркала, дигитални ретровизори и необични панели на вратите со транспарентни елементи, слични на оние кај McLaren Senna.

Задниот дел е целосно модернизиран. Наместо огромното задно стакло по кое беше препознатлив оригиналниот модел, A310 Vision добива голем алуминиумски „clamshell“ панел, дополнет со интегриран спојлер и тенки LED светла.

Alpine A310 Vision Concept

Поставен на новата електрична платформа

За разлика од многу концепти кои се само дизајнерски студии, Alpine потврдува дека A310 Vision е изграден врз новата Alpine Performance Platform (APP). Истата архитектура ќе ја користи и следната генерација на целосно електричниот A110.

И покрај тоа, од компанијата велат дека концептот е создаден како „креативно истражување на наследството на Alpine“, а не како официјална најава за иден сериски автомобил.

Новиот A310 сепак е во плановите

Сепак, тоа не значи дека A310 нема да се врати. Уште во 2023 година Alpine го претстави својот производствен план до 2030 година, во кој потврди развој на нов четириседен A310 базиран на истата APP платформа.

Во текот на 2025 година беа забележани и првите тест-прототипови, а според досегашните информации, серискиот модел треба да пристигне како 2+2 fastback GT, додека подоцна би можела да следува и кабриолет изведба.

Засега останува непознато колку од дизајнот на A310 Vision ќе биде пренесен во сериската верзија, но доколку Alpine успее да ги задржи најголемиот дел од линиите на концептот, љубителите на спортските автомобили ќе добијат еден од највпечатливите електрични GT модели на пазарот.

Поврзани вести

Back to top button