Apex влегува во светот на електромобилноста со концептот AP-0
Британската компанија Apex сака да зачекори во светот на електричните автомобили, а своето доаѓање го најави со концептот AP-0
Новата британска компанија Apex планира да зачекори во светот на електричните суперавтомобили. Во согласност со желбите и амбициите, Apex AP-0 дебитираше во Лондон, а во својата конструкција поседува изобилство на карбон, каросеријата е аеродинамична, а дизајнот е „позајмен“ од болидите во Formula 1 и автомобилите кои се натпреваруваат на 24 часа Ле Ман. Од Apex тврдат дека овој електричен автомобил нуди импресивна управливост без потреба за поголеми спојлери. За тоа допринесува и големата вертикална „пераја“ која формира дел од задната светлосна група. Apex овој облик го смета за толку препознатлив што стана нивно лого.
Внатрешноста е карактеристична за типичен концептен автомобил. Тука е управувачот кој доби форма на квадрат, како и три екрани за возачот. AP-0 во себе поседува напредна технологија, вклучително и AR (проширена реалност) можност за користење на LiDAR системот кој креира детални мапи од опкружувањето на возилото од сантиметар па до речиси 100 метри. Автомобилот има и системи за помош на возачот кои овозможуваат автономија од трето ниво, а Apex тврди дека постои инфраструктура за автономија од четврто ниво. Само за споредба, најнапредните автономни системи како Super Cruise на Cadillac и Autopilot на Tesla се уште се второ ниво.
Кога станува збор за перформансите, Apex AP-0 е прилично импресивен. Пристигнува со погон на задните тркала и батерија со капацитет од 90 kW поставена во подот. Електричниот погон испорачува до 650 КС. Благодарение на изоблиството на карбон, автомобилот е тежок само 1.200 килограми, а од нула до „стотка“ забрзува за 2,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 306 километри на час. Автономијата на движење со едно полнење изнесува 515 километри.
Apex AP-0 ќе започне со производство во 2022 година
Батеријата поддржува и брзо полнење, па за 15 минути полнење со помош на CCS полнач, батеријата може да се наполни до 80 проценти. Автомобилот одлично се снаоѓа во кривините благодарение на системот на потпирање кој е инспириран од технологијата од Formula 1. За запирањето се задожени 14-инчните дискови со кочнички шапи со шест клипови. Поставеноста на возачот во кабината е слична како во болидите од Formula 1 со подигнати стопала.
Оние кои се заинтересирани за тркање, на располагање го имаат и AR инструкторот кој им помага на возачите да ги запознаат новите патеки и им овозможува да доживеат вистинско искуство на тркање. Apex планира да направи нова патека според стандардите на FIA и академија за трки во близина на Хонг Конг каде ќе се врши истражувањето и развојот на идните автомобили.
Apex е прилично сериозен во своите амбиции, со оглед на тоа дека ќе видиме уште неколку фантастични проекти. Споменатиот концепт е планиран за производство, но тоа нема да се случи до втората половина на 2022 година. Исто така, не е познато колку продукциската верзија ќе биде различна од концептот. Доколку се оди според планираното, од Apex посочуваат дека AP-0 ќе чини 150.000 фунти, а компанијата планира да го пласира овој автомобил на глобално ниво.