Audi го покажа ентериерот на целосно новиот и луксузен Q9
Audi Q9 пристигнува како најлуксузниот SUV на германскиот бренд со ултра луксузен и премиум ентериер инспириран од бизнис класата

Audi ги откри првите детали од ентериерот на целосно новиот Q9, модел кој ќе стане најголемиот и најлуксузен SUV во понудата на германскиот производител. Новиот Audi Q9 ќе биде позициониран над актуелниот Q7 и директно ќе им конкурира на модели како BMW X7 и Mercedes-Benz GLS.
Иако надворешниот дизајн сè уште не е целосно откриен, Audi веќе јасно покажува дека Q9 ќе биде насочен кон купувачите кои бараат максимален комфор, технологија и простор во кабината, а кога станува збор за конкретниот модел, ентериерот е секогаш повеќекратно поважен од екстериерот.

Врати кои се отвораат автоматски
Една од најинтересните технологии кај новиот Audi Q9 се електричните врати со автоматско отворање. Според Audi, сопствениците ќе можат да ги отвораат вратите преку мобилен телефон, преку MMI инфозабавниот систем, па дури и со активирање на сигурносниот појас или притискање на педалата за сопирачка.
Системот користи повеќе сензори за да спречи удирање во околните возила или евентуално повредување на патниците, што дополнително ја нагласува премиум ориентацијата на моделот.

Кабина инспирирана од бизнис класа во авион
Audi Q9 ќе биде достапен со конфигурација од шест или седум седишта, но главниот фокус е ставен на луксузната шестоседна конфигурација. Во неа, вториот ред добива две посебни „капетански“ седишта со електрично прилагодување, греење, вентилација и дополнителен комфор.
Од Audi велат дека инспирацијата доаѓа од бизнис класата во авионите, што не е изненадување со оглед на димензиите и амбициите на новиот SUV.

Предните седишта, пак, ќе нудат масажа, вентилација и дополнителни функции за удобност кај повисоките нивоа на опрема. На централната конзола се наоѓаат два безжични полначи за телефони, големи држачи за чаши и препознатливиот Audi дигитален кокпит со екран и за совозачот.
Панорамски покрив со променлива транспарентност
Новото Audi Q9 добива и огромен панорамски стаклен покрив со технологија за променлива транспарентност. Со едно притискање на копче, одредени делови од покривот можат да станат затемнети или целосно проѕирни.
Дополнително, интегрираното амбиентално осветлување користи 84 LED елементи и дури 30 различни бои, со што кабината добива уште полуксузна атмосфера.

Интересно е што Audi постепено се откажува од сјајните „piano black“ површини кои доминираа кај многу модерни автомобили. Наместо тоа, новиот Q9 користи мат материјали, текстурирани површини, отворено дрво и премиум ткаенини, вклучително и тапацир со мешавина од алпака.
Моќни V6 и V8 мотори
Според првичните информации, Audi Q9 ќе користи моќни V6 и V8 мотори, а меѓуоскиното растојание ќе биде околу 3.124 mm, што е значително повеќе од Q7.
Моделот ќе биде произведуван во Словачка, иако главните пазари ќе бидат САД и Блискиот Исток. Почетната цена се уште не е позната, но јасно е дека истата ќе го позиционира Q9 во самиот врв на SUV понудата на Audi.
















