Лос Анџелес 2019: Audi со E-Tron Sportback додава стил во опсегот
Електричните кросовери стануваат главни ѕвезди на Саемот во Лос Анџелес, а Audi го искористи ова за да го покаже својот нов E-tron Sportback
Како поспортска верзија на стандардниот e-tron, новиот Sportback претставува стилско кросовер-купе со електричен погон. Предниот крај е веднаш препознатлив со истакнатата Singleframe решетка со сива платинска завршница, на чии страни се позиционирани спортски воздушни влезови, а изгледот е надополнет со ново достапните матрикс LED светлосни уреди.
Движејќи се кон задниот дел, она што може да се забележи е купе силуетата со која се карактеризира e-tron Sportback. На задната страна кросоверот се одликува со тенки LED светлосни единици, мускулест заден браник и скромен дифузер. Изгледот е комплетиран со стандардните 19-инчни фелни, кои може да бидат заменети со опционалните 22-инчни.
Кога веќе ја дискутираме опционалната листа, тука е и S варијантата на e-tron Sportback, која е со уште поагресивен изглед, благодарение на спортскиот преден браник, задниот спојлер и 20-инчните фелни. Пакетот исто така вклучува и спортско воздушно потпирање и осветлени плочи на праговите од вратите со лого S.
Во име на купе-дизајнот, во однос на обичниот e-tron, Sportback доаѓа со понизок кров во пределот на задната клупа, намален за 20 mm, а цената на ваквиот изглед ја плаќа и багажниот простор, со вкупен капацитет на складирање од 1.655 литри со преклопена задна клупа. Сепак, на светлата страна е постоењето на преден багажен простор, со капацитет од 60 литри.
Кабината е веднаш препознатлива, високо-технолошка, со 12,3-инчен дигитален инструмент панел, 12,1-инчен инфозабавен систем и долен 8,6-инчен дисплеј кој овозможува пристап до контролите за управуање со системот за климатизација. Асортиманот на опции вклучува вентилирачки, загреани предни седишта со масажери, амбиентално осветлување и премиум Bang & Olufsen аудио систем. Клиентите исто така можат да нарачаат голем број на системи за помош на возачот, како адаптивен темпомат, асистенција за паркирање, помош за ноќно гледање и монитор за преглед на опкружувањето.
Во понудениот спектар, на највисоко ниво се наоѓа e-tron Sportback 55 quattro, опремен со 95 kWh батерија, која напојува два електрични мотори кои испорачуваат комбиниран излез од 355 коњски сили и 561 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на електричниот кросоверот да забрза до 100 km/h за 6,6 секунди, пред да достигне максимална брзина од 200 km/h и воедно да измине пат од 466 km со едно полнење, според циклусот WLTP. Кога ќе го префрлите во S режим, електричните мотори на e-tron Sportback можат да генерираат до 402 коњски сили и 664 Nm вртежен момен до осум секунди. Вака, забрзувањето до 100ка се намалува на 5,7 секунди.
Следен на листата е e-tron Sportback 50, кој користи помала батерија од 71 kWh и помалку моќни електрични мотори кои испорачуваат 308 коњски сили и 540 Nm вртежен момент. Вака, до 100 km/h e-tron забрзува за 6,8 секунди а максималната брзина паѓа на 190 km/h. Возниот опсег исто така се намалува на 347 километри.
Audi е познат по quattro погонот на сите тркала, но Sportback всушност поголем дел од времето е со погон на задните тркала, со цел да се подобри ефикасноста. Во однос на полнењето на батеријата, со помош на 120 kW кај Sportback 50, односно 150 kW брз полнач кај Sportback 55, e-tron Sportback се полни до 80 проценти за само 30 минути.
Нарачките за новиот e-tron Sportback ќе започнат подоцна овој месец, а европското лансирање е закажано за следната пролет. Во Германија, моделот започнува со цена од 71.350 евра.