Aura е уникатен ЕВ концепт на неколку британски компании
Неколку британски производители ги здружија силите за да создадат концепт за електричен спортски автомобил кој го доби името Aura
Најновиот концепт за електричен спортски автомобил го носи името Aura и пристигнува од Велика Британија. Засега, овој модел е само прототип, но е целосно функционален и оперативен, како и легален за користење на патиштата. Возилото кое е создадено од страна на Astheimer, Potenza Technology, BAMD Composites, Conjure и Spark EV, е дизајнирано за да ја предвиди иднината на возачките автомобили, наспроти автономните возила. Изработен е од одржливи материјали и има мошне минималистички и едноставен дизајнерски јазик.
Во производството се користени композити од природни влакна кои се подеднакво лесни и одржливи и се формирани користејќи компјутациски флуидни динамики, со што Aura е мошне аеродинамично ефикасен автомобил. Задните тркала исто така се прекриени со цел за дополнителна аеродинамика.
Деталите, вклучително и димензиите на концептот, не се објавени, но е очигледно дека станува збор за компактно возило кое се одликува со пар 44 kWh батерии. Првата батерија е лоцирана на подот на автомобилот, додека втората е поставена под хаубата. Наводно, Aura може да помине до 643 километри со едно полнење.
Во кабината на електричниот спортски автомобил се наоѓаат уште неколку други интригантни карактеристики. На пример, тука е напредниот Human-Machine Interface (HMI) со 3D визуелизација која овозможува „фидбек“ во реално време за аеродинамичните перформанси на возилото. Автомобилот исто така користи и уникатен управувач со голем само-центрирачки екран. Главната мисија на инфозабавниот систем на возилото е да покаже дека навикнувањето на електричните возила е многу попристапно отколку што луѓето мислат.
Засега не постојат планови за масовно производство на Aura.