BMW го претстави новиот iX3 M60 xDrive со 612 КС

BMW го претстави новиот iX3 M60 xDrive со 603 КС, 874 Nm, забрзување до 100 km/h за 3,9 секунди и бројни M технички подобрувања

BMW продолжува да ја проширува понудата на новата генерација на iX3, а најновото дополнување е iX3 M60 xDrive – најмоќната изведба на електричниот SUV досега. Иако не носи статус на целосноправен BMW M модел, перформансите и техничките подобрувања го доближуваат до автомобилите со легендарната М ознака.

Со 612 коњски сили, 874 Nm вртежен момент и забрзување од 0 до 100 km/h за само 3,9 секунди, новиот BMW iX3 M60 xDrive е побрз дури и од BMW M3 со погон на задните тркала.

Моќен електричен погон со 603 КС

Како и останатите верзии на новиот iX3, M60 xDrive користи батерија со капацитет од 112,2 kWh и два електромотори, по еден на секоја оска. Сепак, BMW значително го унапредил задниот електромотор, кој добива нов статор и помоќен инвертер.

Комбинираната моќност изнесува 612 КС и 874 Nm, што овозможува спринт до 100 km/h за 3,9 секунди. Максималната брзина е зголемена на 240 km/h благодарение на изменетиот преносен однос.

Иако BMW сè уште не ја открива официјалната автономија на оваа изведба, потврдено е дека моделот поддржува DC полнење со моќност до 400 kW, како и AC полнење со 15,4 kW.

BMW iX3 M60 xDrive

Нова шасија и технологии инспирирани од BMW M

Освен дополнителната моќност, BMW сериозно работел и на возната динамика. iX3 M60 xDrive е опремен со новиот компјутерски систем „Heart of Joy“, кој работи во комбинација со BMW M Dynamic Performance Control Driving Stack за попрецизно управување и подобра распределба на силата. Инженерите го усовршиле и регенеративното сопирање, кое сега овозможува поприродно и помазно забавување.

Стандардно се вградува Adaptive M Suspension со електронски контролирани амортизери, променлив управувачки механизам и електронски контролиран M Sport диференцијал на задната оска. Дополнително се ревидирани стабилизаторите, а шасијата добива дополнителни зајакнувања за уште подобра цврстина.

Суптилни, но препознатливи M детали

Надворешниот изглед не се разликува драматично од останатите верзии на iX3, но сепак носи неколку ексклузивни детали. Најзабележливи се специфичните светлосни елементи покрај препознатливата BMW маска, како и можноста за жолти предни светла. Стандардно доаѓаат M Sport пакетот и BMW Iconic Glow пакетот со осветлена маска и светлосни елементи.

BMW iX3 M60 xDrive сериски се испорачува со 21-инчни M алуминиумски тркала, додека на располагање се и дополнителни 21 и 22-инчни опции.

BMW iX3 M60 xDrive

Позната кабина со M атмосфера

Во ентериерот доминира веќе познатиот BMW Panoramic iDrive систем, големиот централен дисплеј и опционалниот 3D Head-Up Display. M60 xDrive добива специјален M Sport управувач со копчиња за Boost Mode и M Mode, како и M Sport седишта со електрично прилагодување во 10 насоки и функција за масажа. Во кабината се користат ексклузивни M графики и бои, а стандардно е вграден аудио систем со 13 звучници и Dolby Atmos.

За љубителите на спортското возење BMW подготви и неколку ексклузивни функции. M Cockpit апликацијата во реално време прикажува податоци за возната динамика и работата на возилото, додека M Drag Meter овозможува мерење на перформансите при забрзување.

BMW засега не ги открива цените за европскиот пазар, а производството ќе започне следната пролет во фабриката на компанијата во унгарски Дебрецен.

Поврзани вести

Back to top button