CATL претстави батерија која за 10 минути овозможува 400 километри опсег
Гигантот за батерии CATL оваа среда претстави нова брзополнечка батерија која може да направи огромни промени во автомобилската индустрија
Contemporary Amperex Technology Co. LTD, или попознат како CATL, е гигантски снабдувач на батерии од Кина кој соработува со BMW, Daimler AG, Hyundai, Honda, PSA, Tesla, Toyota, Volkswagen, Volvo и Ford. Производителот се најде во центарот на вниманието благодарение на претставувањето на нова батерија наречена Shenxing ќелија која може овозможи опсег на движење од 400 километри за само 10 минути полнење. Новата батерија ќе влезе во производство кон крајот на оваа година и се придружува на голем број конкурентски производи кои овозможуваат слични бројки.
Shenxing значи „боговско движење“, што изгледа како да е премногу аспиративно, но за сопствениците на електрични возила на кои им треба брзо полнење ова дефинитивно звучи и тоа како примамливо. Поседувањето на електрично возило долго време се смета дека едноставно не е толку погодно кога станува збор за полнењето. Сепак, можноста да се надополнат 400 километри опсег на движење за само десет минути го намалува јазот меѓу електричните и конвенционалните возила.
https://youtu.be/XyymechmV2g
„Се надеваме дека преку континуирани напори за подобрување на технологијата и намалување на трошоците, Shenxing ќе стане стандарден производ достапен за секое електрично возило“, рече Гао Хан, главен технолошки директор на E-Car Business одделот на CATL за Reuters. Tesla, кој е лидер меѓу производителите на електрични возила, е најголемиот клиент на CATL, но не е единствен.
На повидок револуција во ЕВ сферата
Ford направи сериозен исчекор на почетокот на оваа година кога склучи договор со CATL за фабрика за производство на батерии во Мичиген. Тој објект ќе гради литиум железо фосфатни батерии со технологија лиценцирана од CATL. Тоа е истиот тип на хемија на батериите во Shenxing, иако засега нема информации дали фабриката на Ford ќе произведува нешто налик ова.
Вреди да се напомене дека брзината на полнење на Shenxing можеби не е толку револуционерна како што звучи, барем во споредба со другите опции. Некои модели на Tesla веќе полнат до 320 километри за само 15 минути, а Bloomberg известува дека кинеската компанија GAC AION веќе има батерија која додава 500 километри досег за 15 минути.
Ако на сето ова се додадат и тврдењата на Toyota од почетокот на годината дека успеале успешно да создадат батерија со цврста состојба, се чини дека сме на чекор од револуција кога станува збор за електричните возила.