Donkervoort D8 GTO JD70 – „картинг“ за секојдневна употреба

Минатиот октомври холандскиот производител Donkervoort го најави моделот D8 GTO JD70, автомобил легален за секојдневна употреба на патиштата

Donkervoort конечно го претстави својот модел D8 GTO JD70. Холандската компанија ја нарекува оваа верзија на D8 GTO „првиот 2G супер спортски автомобил“, а тоа во овој случај нема никаква врска со некаква мрежа, туку гравитациската сила. Имено, Donkervoort D8 GTO JD70 е способен да надмине 2G странично забрзување во острите кривини и го достигнува ова ниво на стандардни патнички гуми.

Холандскиот производител го најави својот најнов двосед во октомври минатата година, а осум месеци подоцна го претставија ограниченото издание на овој модел кој може да се регистрира и да се користи на јавните патишта, иако своите раскожни можности во кривините сепак најдобро ќе ги покаже на кружните патеки. Со оглед на тоа дека Donkervoort ќе произведе само 70 примероци од овој модел, вистинска реткост ќе биде некој од нив да се забележи на патиштата.

Donkervoort

Поставен на Nankang AR-1 гуми, овој Donkervoort D8 GTO JD70 се напојува со 2,5-литарски петцилиндричен турбобензинец на Audi кој испорачува 420 КС. За пренесување на моќноста на задната осовина е задолжен петстепениот рачен менувач на Tremec со скратени преносни односи.

Овие 420 КС можеби и не делуваат толку спектакуларно, но ако се земе предвид дека автомобилот тежи помалку од 700 килограми (благодарение на богатата употреба на карбон за изработка на шасијата), тогаш тоа е сосема доволно. Доказ е и фактот што D8 GTO JD70 од нула до „стотка“ стигнува за 2,8 секунди. За забрзување до 200 километри на час потребни му се 7,7 секунди. Највисоката брзина на овој „картинг за двајца“, инспириран од Lotus Seven, изнесува 280 километри на час.

Од Dankervoort истакнуваат дека половина од 70-те примероци веќе се продадени. Цената за овој D8 GTO JD70 започнува од 163.636 евра.

Клучни зборови

Поврзани вести

Back to top button
Close