Авто Плус со Ducati на EICMA 2025: Чиста италијанска пасија

Перформанси, емоција и технологија преточени во модели што ја дефинираат иднината на брендот

Авто Плус ексклузивно на Саемот за мотоцикли во Милано на покана на Ducati. На EICMA 2025 во Милано, Ducati уште еднаш го демонстрира она што фановите добро го знаат: својот уникатен спој на дизајнерска страст, инженерска прецизност и емоција. Оваа година екипата на Авто Плус имаше прилика да присуствува на официјалното преставување на моделите за 2026 година, на домашен терен каде италијанскиот бренд го донесе најсилното присуство во последната деценија. Со премиери што се внимателно распоредени низ сите сегменти и ја покриваат секоја категорија, од тркачки суперспортски модели и авантуристички туринг, до мотокрос и урбан ретро моторцикли. За да биде се полесно ќе одиме по ред, на истиот начин како што и домаќините не водеа за време на официјалната церемонија.

Ducati EICMA

Hypermotard V2 – Чиста енергија и дизајн без компромис

Најголемата ѕвезда на Ducati штандот несомнено беше новата генерација на Hypermotard, сега со ознака V2. Овој модел ја отвора следната ера на познатото супермото семејство, задржувајќи го карактерот на забавен и темпераментен мотор, но со сериозни технички подобрувања. Под резервоарот се наоѓа нов 890 см3 мотор со моќност од 120 коњски сили и 94 Nm вртежен момент, кој нуди извонредна реакција и динамика. Новата алуминиумска монокок рамка и двокракиот заден дел го заменуваат досегашното решение, што овозможува значително подобра стабилност и полесно управување. Тежината е намалена за околу 13 килограми, што во комбинација со прецизниот менувач и напредната електроника му овозможува на Hypermotard V2 да биде уште поблиску до вистинско тркачко искуство. SP-верзијата дополнително додава Öhlins суспензија и елементи изработени од лесни материјали, за уште поостар карактер, а тука е издувниот систем на Termignoni за да го олесни протокот и ја подигне моќноста.

Panigale V2 MM93 и FB63 – Тркачка страст во лимитирана форма

Ducati ги спојува тркачките светови на Марк Маркез (MM93) и Франческо Бањаја (FB63) во две специјални изданија на Panigale V2, кој сега користи нов V2 агрегат со зафатнина од 890 см3. Моторот развива 120 КС при 10.750 врт/мин и 94 Нм на 9.000 врт/мин, во исто време променето е неговото  мапирање за порамномерна испорака на сила и подобра реакција при високи вртежи. Шасијата вклучува алуминиумски монокок, Öhlins NIX30 предна вилушка, TTX36 заден амортизер, Akrapovič Titanium издувен систем, зајакнати алуминиумски тркала кои воедно се и полесни од стандардните, како и поцврста и полесна задна вилушка. Елементи кои директно влијаат на вкупната маса која сега изнесува 174 килограми. Електронскиот пакет нуди IMU, Cornering ABS EVO, DTC EVO 3, Wheelie Control, Slide Control, и Quickshifter како за повисоките, така и за префрлување во пониските брзини.

Двете лимитирани серии се со уникатна графика и потписи на возачите, црвено-сиво за MM93 и црвено-црно комбинација во камуфлажна форма за FB63, која инспирацијата ја црпи од неговата натпреварувачка кацига. Во меѓувреме, Ducati на голема врата ја враќа “Ducati Yellow” бојата која ќе може да се одбере кај стандардната изведба на новите Panigale V2 и Streetfighter V2 модели.

Ducati EICMA

Panigale V4 R – Тркачка емоција од патеката пренесена на улица

Новиот Panigale V4 R е врвна комбинација на технологија, дизајн и перформанси кои се користени во WSBK натпреварувањата, но сертифицирани за пат. Под аеродинамичниот карбонски оклоп се крие 998 см3 Desmosedici Stradale R V4 агрегат, кој испорачува 221 КС при 15.250 врт/мин и 115 Нм при 11.500 врт/мин. Можноста за поставување на Akrapovič Titanium издувен систем во комбинација со специјално развиено масло за Ducati од страна на Shell, моќта се искачува на 239 КС!

Сериската конфигурација овозможува неверојатна реакција на гасот, со четири режими на моќност, Quickshifter EVO и Dry Clutch систем инспириран од натпреварувачките моторцикли. Шасијата и суспензијата се целосно тркачки, алуминиумската рамка е превземена од тркачкиот модел, Öhlins NIX30 предна вилушка и TTX36 заден амортизер се тука за максимална стабилност и агилност при високи брзини. Marchesini ги испорачува тркалата, а Brembo своите Stylema R кочници, додека Pirelli учествува со Diablo Supercorsa SP гуми со цел да ја комплетираат перформансната слика. Електрониката е најсовремена и опфаќа комплетно се што се користи и на патека: Cornering ABS EVO, Ducati Traction Control EVO 3, Slide Control, Wheelie Control EVO 3, Engine Brake Control и Launch Control, сите управувани преку 5-инчен TFT дисплеј со интегриран Lap Timer и Ducati Data Analyzer+. Со Panigale V4 R, Ducati повторно покажува дека тркачката страст може да се вози и на пат, ова е мотор за оние кои сакаат адреналин, технологија и врвни перформанси на највисоко ниво.

Monster 890 V2 – Класиката останува модерна

Марката од Болоња одлучи да ја обнови урбаната легенда, па сега моделот  Monster добива и нов агрегат. Под препознатливиот екстериер сега пулсираат 890 см3 во V2 конфигурација со 115 КС и 92 Nm вртежен момент, лесен за 4 кг од претходниот 821 и со порезок одзив од нула до „забрането“. IMU-базираното cornering ABS, Wheelie Control и три Power Modes го претвораат секој зелен светлосен старт во мало MotoGP шоу, додека 43 mm Öhlins NIX30 вилушка и заден амортизер ги „глачкаат“ дупките на градските булевари како да се Тарга Флорио. Со 178 кг сува тежина, LED матрис светла и 5″ TFT со Ducati Connect, Monster 890 V2 не е само новиот крал на стријт-накенд сегментот – тој е градскиот ѕвер што никогаш не спие. Пристигнува во пролет 2026 – подготви се да го пуштиш слободен.

Diavel V4 RS – Мускулест ѕвер со тркачка душа

Моделот Diavel е симболот на италијанската машкост и инженерска елеганција, а изведбата V4 RS е најекстремниот член на семејството, создаден за чиста емоција. Под агресивната силуета работи 1.158 см3 V4 Granturismo агрегат со 180 КС и 118 Нм, комбиниран со титаниумски издув кој е потпишан од Akrapovič и сувa спојка која е инспирирана од Panigale V4 R. Во пакетот се и олеснети карбонски панели, Brembo Stylema R кочници и Pirelli Diablo Rosso IV пневматици, елементи кои ја нагласуваат RS природата на ова чудовиште од моторцикл кое тежи преку 220 килограми. Diavel V4 RS преставува вистински технолошки и визуелен спектакл што комбинира крузер и супербајк во едно исклучително пакување.

Multistrada V4 Rally и V4 RS – Две лица на совршената авантура

Ducati ја прошири авантуристичката гама со две нови Multistrada варијанти. Првата со ознака V4 Rally е создадена за долги авантуристички патувања, а тоа значи дека резервоар е со поголема зафатнина, еднаква на  30 литри, како дополнување вградена е Semi-Active Skyhook Evo суспензија, автоматско прилагодување на висината, Crash Protection пакет и нов Off-Road режим за контрола на агрегатот и преносот на силата. Од другата страна пак е изведбата V4 RS, која пак ја претставува спортската димензија на Multistrada. Опремена со V4 Granturismo агрегат кој доаѓа директно од Panigale, што во случајов произведува 180 КС, вграден е Akrapovič издувен систем, а меѓуосиното растојание е за нијанса пократко. Тука е и високоперформансна електроника, а изведбата RS добива и брз пренос со поагресивен однос и подесување на Skyhook системот за тркачки стил на возење.

Scrambler Nightshift – Ретро шарм со модерна душа

„Најнежната“, но мошне впечатлива премиера беше онаа на Scrambler Nightshift, кој комбинира класичен café-style изглед со напредна технологија. Новиот Scrambler Nightshift ја комбинира класичната café инспирација со актуелна технологија. Со мотор, од 803 см3 кој испорачува 73 КС и 66 Нм овозможува уживање во секојдневните урбани движења. Во искуството придонесуваат и  подобрениот ride-by-wire систем, TFT дисплеј, и LED осветлување. Целта слика ја дополнува новото седиште со кафен финиш и посебни штепови, „Emerald“ зелената боја, како и детаљите од типот na „bar-end“ ретровизори што го прават идеален избор за стилски урбан возач со вкус за традиција.

Ducati EICMA

Ducati за мотокрос арената

Desmo 250 MX

Најмалата ѕвезда на Ducati Corse е токму моделт Desmo 250 MX. Лесен и жилав со едноцилиндрично срце. Овој мотоцикл е создаден за млади таленти и возачи кои сакаат да ја почувствуваат воспеаната Ducati прецизноста уште од првата кривина. Поставен на алуминиумска рамка, со целосно прилагодлива Showa суспензија, сопирачки кои доаѓаат од Brembo и натпреварувачки подесена електроника, Desmo 250 MX нуди брз одзив, совршена контрола и неверојатна забава на секој метар од патеката. Подготвен е да стане омилен избор за оние кои сакаат да влезат во светот на мотокрос натпреварувањето. Впрочем во неговиот развој активно учество зема и Алесандро Лупино кој се натпреварува со верзијата од 450 см3 во класата МХ1.

Desmo 450 MX

Првата мотокрос машина на Ducati доаѓа со бесрамна моќ и технологија од иднината. Desmo 450 MX е опремен со 449.6 см3 едноцилиндерски Desmo мотор кој испорачува 63.5 КС при 9,400 врт/мин, а притоа тежи само 104,8 кг без гориво. Секој дел е дизајниран со цел – од рамката од 11 елементи до Showa суспензијата со од 310 мм и Ducati Traction Control кој првпат се појавува во мотокрос сегментот. Со поддршка во развојот од легенди како Тони Каироли, овој мотоцикл не е само брз, тој е направен да победува.

Desmo 450 EDS

За оние кои не запираат на крајот од патеката, Desmo 450 EDS ја носи моќта на мотокросот во светот на ендуро трките. Со истиот 63.5 КС Desmo мотор и алуминиумска рамка, но со подесена суспензија, 18-инчно задно тркало и поголем резервоар, EDS е подготвен за долги и тешки денови на терен. Системот за тракција и контрола на сила работи совршено дури и на нерамни и лизгави површини, а со Wi-Fi модулот и X-Link апликацијата, твојот мотоцикл е секогаш поврзан. Достапен од идното летото, Desmo 450 EDS е границата меѓу тркачката прецизност и авантуристичкиот дух. Со овие три модели, Ducati не само што влегува во оф-роуд светот, туку и го предефинира.

Ducati EICMA

DesertX (Preview) – Ново поглавје на пустинскиот авантурист

На EICMA 2025 Ducati ја откри втората генерација на својот авантуристички бестселер – DesertX V2. Под култниот „рали“ изглед сега се крие нов V2 IVT мотор со 110 КС и 68 Nm вртежен момент, лесен за 10 кг од претходникот и со прогресивна задна врска што го претвора секој оф-роод удар во „пливање“ по песок, камење или кал. 21-инчното предно тркало останува неприкосновено, а новата електроника вклучува IMU-базиран TC, cornering ABS и six riding modes – од магистрала до сахарска дина. Со 206 кг влажна тежина без гориво, DesertX V2 е полесен, посилен и поинтелигентен од кога било. Достапен од мај 2026, тој не е само мотоцикл – тој е билет за секој хоризонт.

Со премиерите на дијаметрално различни моторцикли, каде сите имаат посебни карактери, Ducati уште еднаш покажа дека инженерството и страста можат да коегзистираат во совршена рамнотежа. Од агилниот Hypermotard до тркачкиот Panigale, од урбаниот Monster до авантуристичките Multistrada и DesertX, па се до експерименталниот Desmo MX и елегантниот Scrambler Nightshift, секој модел е доказ дека Ducati не следи трендови, туку ги создава.

Поврзани вести

Back to top button