Еден месец со Geely Cityray: Градски SUV кој брзо станува дел од секојдневието

Супер тестот на Авто Плус продолжува, а Geely Cityray веќе се докажува во реални услови

По првите месец дена од Супер тестот на Авто Плус, Geely Cityray веќе зад себе има илјадници изминати километри и сериозно темпо на користење во услови кои далеку ја надминуваат класичната презентациска рута. За разлика од временски ограничените рамки, сега имаме шанса да тестираме во реални услови, на подолг период за да добиеме подобар и појасен впечаток за еден автомобил, па оттаму и можноста Cityray подобро да се соочи со секојдневието – густ градски сообраќај, реконструирани улици, калдрма, земјени подлоги, дупки, калливи патишта и сите оние реални предизвици со кои се соочува секој возач во Македонија.

Токму во вакви услови започнува вистинското запознавање со автомобилот, кога првичниот впечаток постепено се претвора во реално корисничко искуство.

Системи за безбедност и асистенција кои прават разлика во град

Една од најсилните страни на Cityray без дилема се системите за асистенција при возење. Адаптивниот темпомат се покажа исклучително употреблив дури и во градски услови, нешто што ретко функционира толку природно кај SUV моделите од оваа класа. Активирањето е мошне едноставно, а подесувањето на далечината секако е лесно и брзо можете да манипулирате со истото зависно од тоа дали сте во густ сообраќаен метеж или низ празни булевари в недела наутро.

Особено впечатлив е системот за автоматско сопирање во итни ситуации, кој реагира прецизно и навремено – карактеристика која забележавме дека добива уште поголемо значење во услови кога концептот Safe City станува нова реалност во градскиот сообраќај. Во динамична урбана средина, ваквите технологии не се само додаток, туку вистинска безбедносна поддршка.

Во градски услови, при возење со брзини до 50 километри на час, што исто така е нова реалност во градскиот сообраќај, Cityray успева да одржи потрошувачка која се спушта и под 8 литри на 100 километри, што е повеќе од солиден резултат за SUV со вакви димензии.

Комфор и практичност во секојдневна употреба

Во текот на изминатиот месец, Cityray неколкупати беше ставен на практичен тест, особено кога станува збор за просторот. Багажникот со капацитет од 571 литар се покажа како исклучително функционален, лесно апсорбирајќи семејни обврски, опрема и багаж без компромиси. Неколкупати го ставивме на тест багажниот простор и мораме да забележиме дека навистина ги исполнува очекувањата и потребите на едно модерно семејство. Подот може да се подесува на две нивоа, а лесното пристапување го прави идеален при товарење и истоварање на секакви помалку или повеќе габараитни предмети.

Кога станува збор за просторот, секако мора да се истакне и пространоста на задната клупа која ни остави позитивен впечаток и на подолги релации. Четворица возрасни патници со висина над 180 сантиметри патуваа со целосен комфор и доволно простор за нозете, што дополнително ја нагласува семејната ориентација на моделот, без притоа да се има било каков компромис во удобноста.

Маневрибилност која изненадува

Иако станува збор за SUV со сериозен габарит, Cityray се чувствува исклучително лесен за управување во урбана средина. Маневрирањето низ тесни паркинзи (каде неретко мора да се прави слалом меѓу неправилно паркирани возила) се покажа како едно од неговите најголеми изненадувања. Секако, тука огромна улога играат и сите оние системи за асистенција со кои моделот во основното ниво на опрема располага. Пред се камерата со 360 степени и задните паркинг сензори.

Супер Тест Geely CityrayУште еден плус во градски услови секако се камерите кои автоматски се активираат при вклучување трепкач и дополнително ја олеснуваат секојдневната употреба, овозможувајќи јасен преглед кон страната кон која се движите, мошне практично решение кое помага да се избегнат скриени дупки или високи рабници.

Тивко возење и зрело однесување на пат

Звучната изолација е уште еден сегмент каде Cityray остава впечаток на автомобил од повисока класа. Се дури не ја притиснете педалата за гас до највисоки вртежи, Cityray останува мирен и стабилен. При ниски и средни брзини во град, чувството често потсетува на управување со електричен автомобил благодарение на минималната бучава во кабината, а впечаток е дека Geely воопшто не штедел во овој сегмент, па добивате чувство на премиум комфор, нешто што имаме впечаток дека полека се губи кај европската конкуренција.

На отворен пат автомобилот се однесува стабилно и предвидливо. Забрзувањето е линеарно, додека автоматскиот менувач по почетното привикнување реагира навремено и прецизно. Меѓузабрзувањата на 1,5-литарскиот четирицилиндричен мотор со 174 КС (развиен од страна на куќата Horse Power Train, која проектира агрегати за Renault, Volvo, а од неодамна и за Mercedes) се доволно уверливи за безбедни претекнувања, без дополнителен напор од страна на возачот. Сето ова во комбинација пружа вистинско задоволство во патувањата и чувство на полност, удобност и мир, што обично кај кинеските модели досега беше голем проблем, но Geely со Cityray отиде чекор подалеку. Дури и во однос на етаблираните европски и азиски конкуренти.

Супер Тест Geely Cityray

Квалитет на изработка кој остава впечаток

Она што можеме да го истакнеме е дека Geely посветил сериозно внимание при склопувањето на Cityray. По повеќе од 5.500 изминати километри (секако, не се од наша страна), ентериерот останува цврст и беспрекорно составен. Иако покрај кожните и гумираните површини се користени и пластични материјали, нивната финална обработка е на високо ниво, без несакани звуци или крцкања, што често знаат да се појават кратко време откако ќе купите нов автомобил. Сето тоа, тука не постои, барем засега. А колку на Geely му е важен квалитетот, но и репутацијата меѓу европските купувачи, покажува и фактот што насекаде се забележуваат европски компоненти, се со цел на најдобар можен начин да покаже дека може да се натпреварува со конкуренцијата во исклучително конкурентниот сегмент.

Особен впечаток оставаат и самите врати, чија тежина и звук при затворање асоцираат на премиум сегментот. Овде станува јасно дека инженерингот на Geely денес стои рамо до рамо, а во одредени аспекти и над дел од европските и азиските конкуренти. Кога сме кај вратите, вреди да се истакне и фактот дека преклопот на истите завршува под прагот на влезовите, а се со цел да се заштити ентериерот од непотребно валкање и нечистотии. Уште еден детал кој е вреден за поздрав.

Кога сме кај инженерингот, вреди да се спомене и фактот дека Cityray поседува четири вистински издуви, но и самиот систем на потпирање е на врвно ниво. Имено, задната суспензија е мултилинк со пет врски, што е навистина сериозно решение и реткост во сегментот, иако моделот воопшто нема 4х4 погон, па јасно е дека инженерите во Geely направиле многу повеќе од она што го налага минимумот и воопшто не штеделе во овој дел, што резултира со одличен комфор на задната клупа и севкупниот амбиент во автомобилот.

Супер Тест Geely Cityray

Дигитален ентериер на кој брзо се навикнувате

Централниот екран ги содржи речиси сите функции на автомобилот, без класични физички копчиња на централната конзола. Иако на почеток може да делува како промена која бара адаптација, по само неколку дена користење менито станува целосно интуитивно.

Помалиот дигитален дисплеј зад управувачот се покажа како одлично решение – доволно информативен без да создава визуелен замор при подолги патувања.

Дополнителна атмосфера во кабината создава и големото панорамско стакло кое се отвора до половина, нешто што особено дојде до израз во сончевите денови зад нас.

При секојдневна употреба во преден план се истакнаа и преградите за складирање кои ги има и повеќе од доволно.

Севкупниот впечаток е дека воопшто не е штедено на материјали и завршна обработка и дефинитивно покажува дека Cityray е најдобриот модел на Geely во моментов, најдобра репрезентација на она најдоброто што кинескиот производител може да го понуди во моментов, но и она што допрва доаѓа од нив.

Супер Тест Geely Cityray

Прв заклучок по еден месец

По првиот месец, Geely Cityray постепено го напушта статусот на „тест автомобил“ и станува природен дел од секојдневното возење. Комбинацијата од удобност, технологија, практичност и лесно управување покажува дека овој модел е создаден токму за реалниот живот, а не само за каталог или кратка презентација.

Супер тестот продолжува, а во следните недели ќе стане уште појасно како Cityray се справува со подолги релации и на отворен пат, различни временски услови и дополнителни километри кои се вистинскиот тест за секој автомобил.

Поврзани вести

Back to top button