Експанзијата на BYD во Европа ќе земе уште поголем замав

BYD ја удвојува европската мрежа во 2026 и отвора фабрика во Унгарија, со планови за производство и во Турција и Шпанија

Кинескиот производител BYD, кој пред само неколку години беше ретка појава на европските патишта, денес е меѓу најбрзорастечките автомобилски гиганти во светот. Компанијата продолжува агресивно да го шири своето присуство на Стариот континент, а 2026 ветува уште подрастичен раст благодарение на нови партнерства, дилерски точки и европски производствени капацитети.

Во моментот, BYD веќе оперира на 29 европски пазари и има околу 1.000 продажни и сервисни локации низ целиот континент. Но според најавите, ова е само почетокот, бројката ќе се удвои веќе следната година.

Стратегија за брза и локализирана експанзија

На настан во Франкфурт, Марија Грација Давино, регионална директорка на BYD за Европа, го претстави планот за следната фаза од растот на брендот. Таа истакна дека BYD ќе го удвои својот европски продажен и сервисен капацитет во 2026 година, со цел да постигне поголема близина до клиентите и да се позиционира поконкурентно во силно населен EV сектор.

„За да бидеме рамноправни со успешните конкуренти, мора да бидеме поблиску до европските купувачи,“ изјави Давино за Reuters.

Овој потег доаѓа во период кога BYD бележи извонредни резултати: само во првите девет месеци од годината компанијата продаде 80.807 возила во Европа, што претставува тројно зголемување во однос на истиот период лани.

Нова фабрика во Унгарија, центар на европското производство

Клучен дел од „долгорочната стратегија на локализација“ е отворањето на нова фабрика во Унгарија, која ќе стане логистичка и производствена основа за BYD во Европа. Овој објект ќе ја намали зависноста од увоз од Кина и ќе го забрза пристигнувањето на нови модели на европскиот пазар.

Покрај унгарската фабрика, BYD веќе разгледува и други европски локации. Турција се споменува како сериозен кандидат за втор производствен центар, а компанијата не ја исклучува ниту опцијата за фабрика во Шпанија.

BYD гледа голем потенцијал и покрај тарифите

Иако новите европски тарифи на кинески електрични возила ја отежнуваат ситуацијата, BYD не покажува знаци на забавување. Напротив, компанијата ги гледа тарифите како дополнителна мотивација за поагресивна локализација на производството.

„Локализирањето во ваков зрел регион како Европа е сериозен проект. Потребни се знаење, посветеност и инвестиции на сите нивоа,“ нагласи Давино.

Со амбициозни планови за удвојување на својата мрежа, нови фабрики и континуиран раст на продажбата, BYD се подготвува да стане еден од доминантните играчи на европскиот пазар на електрични возила. Она што пред пет години изгледаше како експеримент, денес изгледа како незаствлив бран што ќе го промени конкурентскиот пејзаж во Европа.

Поврзани вести

Back to top button