Elroq vRS е најбрзиот продукциски автомобил на Škoda досега

Elroq vRS може да достигне до „стотка“ за 5,4 секунди, што го прави многу побрз од Octavia и Kodiaq vRS со мотор на согорување

Откако минатата есен Škoda го претстави својот нов електричен SUV Elroq, љубителите на спортски модели со нетрпение го очекуваа пристигнувањето на vRS изведбата. Сега, конечно го имаме и тој модел – и тој е најбрзиот сериски автомобил што Škoda некогаш го произвела.

Двоен електричен мотор и погон на сите тркала

Додека основните Elroq верзии доаѓаат со еден електромотор и погон на задни тркала со максимум 286 КС (210 kW), vRS моделот користи двоен мотор со вкупно 340 КС (250 kW) и погон на сите тркала. Тоа му овозможува забрзување од 0 до 100 km/h за само 5,4 секунди – десетинка побрзо од досегашниот рекордер Enyaq vRS.

Брз, но и агилен

Иако ова време не е рекордно за електрични возила, Elroq vRS е доволно брз за да се мери со модели како Honda Civic Type R. Со ново подесено управување, поголеми сопирачки, адаптивна DCC суспензија и спортско подвозје снижено за 15 mm напред и 10 mm назад, vRS изведбата ветува подобро управување и повеќе забава зад воланот.

Спортски изглед со елегантни детали

Elroq vRS визуелно се разликува со црни спортски детали на ретровизорите, ознаките и лајсните околу прозорците, како и фелни до 21 инч. Внатрешноста нуди спортски седишта со опционална функција за масажа, перфориран кожен управувач, Suedia микрофибер тапацир со контрастен лимета зелени шевови и инсерти со карбонски ефект. За уште поспортски доживувања, тука е и синтетизиран звучен ефект при возење.

Автономија и полнење

Батеријата на Elroq vRS има нето капацитет од 79 kWh и нуди досег до 547 km според WLTP. Сепак, ова е за 32 km помалку од Elroq Edition 85, кој користи само еден мотор. За компензација, vRS добива побрзо полнење – до 185 kW, што го скратува времето за полнење од 10-80% на само 26 минути (наместо 28).

Со комбинацијата од перформанси, технологија и спортски дизајн, Škoda Elroq vRS е подготвен да го освои пазарот како првиот вистински спортски електричен SUV од марката.

Поврзани вести

Back to top button