ЕУ ги губи малите градски возила, се бара нова регулаторна категорија

Продажбата на мали автомобили во Европа опаѓа драстично, а Stellantis и Renault бараат нова регулаторна категорија за електрични градски коли

Продажбата на достапни мали автомобили во Европа доживеа драматичен пад – од 1 милион на само 100.000 единици годишно. Автомобилските гиганти Stellantis и Renault сега бараат радикални промени, предлагajќи создавање на нова регулаторна категорија инспирирана од jапонските Kei автомобили, со цел повторно да се овозможи исплатлива продукција на мали градски ЕВ модели.

Преголем товар од регулации

Според John Elkann, претседателот на Stellantis, повеќе од 25% од инженерите во компанијата денес работат исклучиво на усогласување со европските регулативи, нешто што не додава никаква реална вредност за крајниот корисник. Тој предупреди дека до 2030 година ќе стапат во сила над 120 нови регулативи, кои дополнително ќе ја усложнат продукцијата на мали, достапни автомобили.

„Ако Јапонија има Kei автомобили кои сочинуваат 40% од пазарот, нема причина зошто Европа да нема своја категорија Е-коли“, изјави Elkann.

Повици за нова регулаторна рамка

И поранешниот извршен директор на Renault, Лука де Мео, пред своето повлекување го повтори истиот став. Тој ги повика владите на Франција, Шпанија и Италија да застанат зад развојот на мали електрични автомобили, предупредувајќи дека возењето 2.5-тонски електрични возила низ град секој ден е „еколошки апсурд“.

„Потребна ни е диференцирана регулатива за мали автомобили“, рече де Мео. „Преголем број правила се дизајнирани за поголеми и поскапи возила, што ги прави малите коли економски неодржливи.“

Постоечки обиди и идни чекори

Stellantis и натаму нуди неколку мини возила, вклучувајќи ги Citroen Ami, Opel Rocks-e и Fiat Topolino — модели кои спаѓаат во сегментот на четирицикли според ЕУ регулативата. Но, овој сегмент е ограничен и оставен на маргините.

Според истражувачи од автомобилскиот центар Gerpisa, Европа мора итно да размисли за нови регулативи кои би дозволиле локално производство и продажба на возила слични на Kei моделите. Со тоа би се засилила конкурентноста на европските брендови наспроти сè поагресивната кинеска конкуренција.

Со оглед на тоа што продажбата на достапни автомобили продолжува да опаѓа, а електрификацијата носи дополнителни предизвици, времето е идеално за нова регулаторна офанзива што ќе им овозможи на европските производители повторно да понудат вистински градски автомобили – компактни, ефикасни и по пристапна цена.

Поврзани вести

Back to top button