ЕВ индустријата се фокусира кон напредните 800-волтни архитектури
Повеќето електрични автомобили кои ќе се појават на пазарот се очекува да добијат напредна 800-волтна архитектура сметаат аналитичарите
Во моментов постојат само неколку електрични возила кои користат 800-волтни архитектури, меѓу кои Porsche Taycan, Audi e-Tron GT, Hyundai Ioniq 5 и Kia EV6, додека повеќето останати електрични автомобили користат потрадиционални 400-волтни системи.
Со двојното зголемување на волтажата се подобрува времето за полнење на батеријата за околу 50 проценти за истата големина на батеријата, што за возврат им овозможува на производителите да ги намалуваат големините на батериите и да ги прават помали. Освен тоа, 800-волтните системи можат да функционираат со помали и полесни кабли и жици добивајќи ја истата количина на моќност со помалку струја.
Automotive News Europe наведува дека овие архитектури исто така губат помалку енергија бидејќи не им се потребни комплексни системи за термално управување за регулирање на температурата. Мало изненадување е тоа што голем број ЕВ снабдувачи очекуваат 800-волтните архитектури наскоро да станат стандардни.
„Во 2025 година, повеќето од апликациите кои ќе пристигнат на пазарот ќе бидат 800-волтни. Ние мислиме дека тоа ќе стане мејнстрим, а Hyundai покажа дека може да биде компетитивен и со цената“, истакна претседателот на thIMG02e дивизијата за електричен погон во GKN, Дирк Кеселгрубер.
„800-волтните архитектури е следниот логичен чекор во развојот на батериските електрични возила“, додаде шефот за иновативна електроника во Vitesco, Александер Рајх.
Потребно е подобрување на полначката инфраструктура
Експертите од индустријата сметаат дека повеќето актуелни електрични возила, вклучително и оние од Tesla, користат 400-волтни системи делумно поради тоа што куќите типично користат 380-волтна трифазна струја, што значи дека соодветна полначка инфраструктура веќе постои. Голем дел од првите електрични возила исто така користеа компоненти од plug-in хибридите кои се базирани на 400-волтни системи.
Со поместувањето на 800-волтни системи, полначката инфраструктура ќе мора да биде унапредена бидејќи поголем дел од неа во моментов е наменета за 400-волтни возила. Водечките 800-волтни, 350 KW полначки точки овозможуваат електричните возила да се наполнат со опсег на движење од 100 километри за 5 до 7 минути.
Голем број од автомобилските производители се посветени кон развојот на 800-волтните архитектури, а тука се вклучени имиња како Volvo, Polestar, Stellantis, General Motors, Xpeng, Nio, Li Auto, BYD и Lotus.