Европа мисли дека ја спаси автоиндустријата, но вистинскиот победник е Кина
Европа прави отстапки за моторите со внатрешно согорување, но кинеските производители излегуваат како вистински победници

Европската унија верува дека со последната одлука околу иднината на автомобилската индустрија успеа да направи баланс меѓу регулативите и реалноста на пазарот. Сепак, четиригодишната дебата за забраната на моторите со внатрешно согорување не донесе јасни победници. Ниту производителите, ниту купувачите не излегоа целосно задоволни, а електричните автомобили и понатаму остануваат тема што предизвикува поделени мислења.
Олабавувањето на строгите правила за бензинците и дизелите, преку можноста за користење синтетички горива, отвори нови дилеми. Полнењето со вакво гориво ќе биде значително поскапо од редовното полнење на батерија еднаш или двапати неделно, што ја прави оваа стратегија повеќе политички компромис отколку реално решение за масовниот пазар.
Протест од Polestar и предупредување до Брисел
Одлуката на Брисел јавно ја критикуваше Polestar. Брендот, кој целосно се има ориентирано кон електрични возила, паркираше три модели Polestar 4 пред зградата на Европската комисија во Брисел, испраќајќи јасна порака дека ваквата регулаторна насока ја загрозува иднината на компании кои навреме инвестирале во електрификација.
Извршниот директор на Polestar, Михаел Лошелер, отворено изрази загриженост, нагласувајќи дека компанијата нема платформи за мотори со внатрешно согорување или хибриди. За нив, секое пролонгирање на роковите значи губење на конкурентска предност.
Германија слави, но Кина профитира
Иако во Германија одлуката беше дочекана како победа за домашната индустрија, сè повеќе анализи укажуваат дека вистинските добитници се азиските, а особено кинеските производители. Додека Европа се двоуми, кинеските брендови влегоа на пазарот со електрични автомобили, а паралелно понудија бензински и PHEV модели со сè подобар досег и конкурентни цени.
Податоците за кинескиот извоз го потврдуваат тоа – околу 40 проценти од извезените возила се електрични, додека останатите 60 проценти користат мотори со внатрешно согорување. Оваа флексибилност им овозможува побрзо прилагодување на различни пазари, нешто што европските производители тешко го постигнуваат.
Пораката од BYD: „Европа си купува илузија“
Од Кина доаѓа и директна порака дека европските одлуки не претставуваат закана. Стела Ли, извршна директорка на BYD, истакна дека Европа мисли дека добива време, но тоа време реално не постои. Според неа, претпоставката дека кинеските производители ќе забават е погрешна и веќе повеќепати демантирана со конкретни резултати на пазарот.
Инфраструктурата и цените остануваат клучен проблем
Иако некои европски производители тврдат дека дополнителното време ќе го искористат за развој на инфраструктурата за полнење, реалноста е поинаква. Европската унија веќе утврди дека ниту една земја членка не ги исполнила обврските за инсталација на полначи, додека производителите беа приморани да се трансформираат под притисок на регулативите.
Високите цени и натаму ја кочат побарувачката. Кај класичните автомобили купувачите плаќаат за моќност, но резервоарот е секогаш ист, додека кај електричните возила автономијата директно ја одредува цената, што создава дополнителна конфузија и одвраќа дел од клиентите.
Малите автомобили стануваат целосно електрични
Обидот да се стимулира побарувачката преку нова категорија мали автомобили до 4,2 метри должина засега не дава очекувани резултати. Додека цените не станат подостапни, интересот ќе остане ограничен. Тоа го признаваат и самите производители.
Добар пример е стратегијата на Volkswagen. Иако со месеци најавуваше коегзистенција на електричен и бензински Polo, извршниот директор Томас Шефер изјави дека нови модели со мотори на согорување во овој сегмент повеќе немаат економска логика поради идните прописи и дека пазарот на мали автомобили ќе стане целосно електричен.
Европа на крстопат
Сè појасно е дека европската автоиндустрија се наоѓа во клучен момент. Компромисите можеби носат краткорочно олеснување, но на долг рок победник ќе биде оној што најбрзо се прилагодува. Во моментов, таа улога сè појасно ѝ припаѓа на Кина.



