Ferrari Daytona SP3 е најновиот член на Icona серијата
Ferrari го претстави својот најнов продукциски модел во ограничена серија, моделот SP3 Daytona, кој е третиот член на Icona серијалот по Monza SP1 и SP2

Егзотичниот SP3 Daytona е најновиот Ferrari Icona модел, а е создаден во чест на победата на италијанската компанија на 24 часа Дејтона во 1967 година, кога ги освои првите три места. Моделот го поседува најмоќнот мотор на внатрешно согорување кој некогаш пристигнал од Маранело.
На прв поглед, SP3 Daytonа делува како La Ferrari Aperta со комплетно редизајнирана каросерија создадена од Флавио Манцони и неговиот тим. Дизајнерите на Ferrari биле инспирирани од формите на P3/4, P330 и 412P кои доминираа на Дејтона во 60-тите години на минатиот век. Сепак, модерниот хиперавтомобил има поагресивна става со поостри рабови. На предниот дел се наоѓа нагласениот сплитер и малите браници потсетувајќи на 330 P4, додека остриот нос е поставен пониско од нагласените предни крила, што е своевиден потсетник на претходните тркачки модели на Ferrari. LED фаровите се со комплексна структура и „поп-ап“ механизам и пленат со својата ретро инспирација.
Дизајн инспириран од богатото минато
Задниот дел делува навистина драматично и повеќе наликува на концепт со сериозно ретро влијание на дизајнот. Хоризонталната LED лента која ги заменува традиционалните светла се интегрирани во хоризонталните ленти кои потсетуваат на старите модели на Ferrari. Под нив се наоѓа карбонскиот дифузер. Моторот е поставен под прекрасна метална обвивка со централен столб за подобро разладување.
Аеродинамиката одигра клучна улога при развојот на SP3 Daytona, a од Ferrari велат дека го има „најголемото ниво на пасивна аеро ефикасност“ меѓу сите нивни модели. Ова е достигнато благодарение на иновативните решенија за ефикасното управување со диспацијата на топлина од механичките компоненти, заедно со паметниот дизајн за разладување и потисна сила.
Внатрешноста, фиксираните седишта се интегрален дел од кабината, кои се спојуваат преку централниот тунел и се прошируваат над страничните прагови со спектакуларен тапацир кој соодветствува со останатиот трим. Овој дизајн е инспириран од тркачките автомобоили од 60-тите години каде возачот седел на перничиња директно споени со шасијата.
Контролната табла има минималстички изглед со антилоп површина и 16-инчен дигитален инструмент кластер во кој е инкорпорирана и инфозабавата. Управувачот изгледа мошне слично со оној кај La Ferrari со интегрирани копчиња кои му овозможуваат на возачот да достигне 80 проценти од функциите на возилото без да ги тргне рацете од него. Уште еден интересен елемент е големата количина на карбон во ентериерот.
Најмоќниот мотор од Ferrari
Шасијата и каросеријата се направени целосно од композитни материјали за што е можно помала тежина. Природно аспирираниот V12 6,5-литарски мотор со кодно име F140HC е базиран на единицата од 812 Competizione но добива низа унапредувања и е поставен на средината. Најмоќниот мотор кој некогаш е направен од Ferrari испорачува 840 КС при 9.250 вртежи во минута и 697 Nm максимален вртежен момент при 7.250 вртежи во минута. Моќноста се испраќа на задната оска преку побрз F1 седумстепен менувач со двојна спојка и со помош на диференцијал за ограничено пролизгување.
Како резултат на ова, Daytona SP3 од нула до „стотка“ стигнува за 2,85 секунди, а од 0-200 км/ч за 7,4 секунди, додека максималната брзина достигнува до 340 километри на час. Она што е најважно е возачката динамика, засилена со паметното користење на електронски помагала, вклучително и најновата верзија на Ferrari SSC 6.1 кој пристигнува со Ferrari Dynamic Enhancer.
Ferrari ќе направи 599 примероци на SP3 Daytona, а секој од нив чини 2 милиони евра.