fbpx

Ferrari го претстави освежениот Portofino M

По претставувањето на Roma кој е базиран на Portofino, прашање на време беше кога Ferrari ќе ја унапреди и претстави кабрио верзијата

Ferrari Portofino M се напојува со истиот мотор од 620 КС како и Roma, а автомобилот добива стилски промени на надворешноста и внатрешноста. Со додавањето на буквата „М“ во името, која стои за зборот Modificata (изменето), јасно се укажува дека станува збор за фејслифт и освежување.

Но, треба да имате добро истренирано око за да ги забележите промените. На надворешноста, Portofino M добива нов преден браник со поголеми отвори за воздух за поагресивен изглед, плус нови вентилациски отвори над тркалата со цел за намалување на коефициентот на отпор. Решетката исто така мина низ освежување и сега содржи нови алуминиумски „ребра“.

На задната страна новиот издувен систем овозможи отстранување на придушувачот, со што задниот дел на Portofino M сега е покомпактен. Како резултат на тоа, задниот браник сега е „поскулптурен“, поради што се добива похармоничен изглед во комбинација со предниот дел, велат од Ferrari.

Кога се гледа од страна, единствениот начин да се распознае Portofino M од досегашниот Portofino е благодарение на специјалните тркала со дијамантски финиш и отворите над предните тркала.

Најголемите промени се од технички аспект

Слична е ситуацијата и во внатрешноста, со оглед на тоа дека Ferrari направи дискретни унапредувања. Оние кои се надеваа дека освежениот Portofino ќе добие слична централна конзола како Roma ќе бидат разочарани. Со исклучок на новите комбинации на бои и унапредените материјали, кабината на Portofino M изгледа исто како претходно.

За среќа, Ferrari е многу подарежлив кога станува збор за техничкиот аспект, поставувајќи го истиот погон кој го има Roma и во освежениот кабриолет. Тука е 3,9-литарскиот битурбо V8 мотор кој испорачува 620 КС при 5.750-7.500 вртежи во минута и 760 Nm максимален вртежен момент.

Ова е зголемување од 20 КС во однос на Portofino. Како што е случајот и кај Roma, V8 моторот е поврзан со осумстепениот менувач со двојна спојка кој го има кај SF90 Stradale. Уште едно унапредување е Manettino со пет позиции кој додава и Race режим, што е за прв пат за еден GT spider од Маранело. За подобрување на управувањето кај Ferrari Portofino M е шестата генерација на Slide Slip Control (SSC) динамичниот систем кој интегрира E-Diff, F1-TCS, SCM-E Frs, како и Ferrari Dynamic Enhancer (FDE) контролниот систем. Ferrari исто така споменува и нови опционални додатоци, како што е унапреден опсег на напредни возачки системи за асистенција и безбедност (ADAS) како и вентилирани и греени седишта.

Поврзани вести

Back to top button