Fiat лансира хибридни варијанти на 500X и Tipo
Fiat ја комплетираше електрификацијата на својата целосна постава со лансирањето на 500X Hybrid и Tipo Hybrid
Италијанскиот производител Fiat сега и официјално има целосно електрифицирана постава, откако ги претстави хибридните варијанти на 500X и Tipo. Со лансирањето на 500X Hybrid и Tipo Hybrid комплетно е електрифицирана целата гама, а двата модели се опремени со 48-волтна блага-хибридна технологија за помала потрошувачка и штетни емисии. Истиот погон ја забележа својата премиера минатиот месец кај E-Hybrid варијантите на Jeep Renegade и Compass.
Хибридната поставка вклучува турбо 1,5-литарски четирицилиндричен FireFly мотор кој испорачува 130 КС и 240 Nm максимален вртежен момент, заедно со 48-волтен BSG електромотор кој испорачува дополнителни 20 КС и 55 Nm. Моќноста се испраќа на предната осовина преку нов седумстепен автоматски менувач со двојна спојка.
И покрај тоа што се класифицираат како благи хибриди поради 48-волтната технологија, моторот на внатрешно согорување кај 500X Hybrid и Tipo Hybrid останува исклучен до 47 проценти од времето во комбинираниот WLTP циклус, а до 62 проценти во градски услови. Автомобилите можат да стартуваат, паркираат, па дури и да возат исклучиво на електрична енергија, а системот ја рекуперира својата енергија за време на сопирањето и забавувањето.
Помала потрошувачка и помала емисија на CO2
Како резултат на ова, 1,5-литарскиот хибриден погон конзумира 0,3 литри на 100 километри помалку во однос на 1,6-литарскиот дизел во урбан циклус. Исто така, 500X Hybrid емитува 11 проценти пониски CO2 емисии во споредба со 500X со 1,3-литарскиот бензински мотор. Кога станува збор за перформансите, Fiat Tipo Hybrid забрзува од нула до „стотка“ за 9 секунди, додека на 500X Hybrid за истото му се потребни 9,4 секунди.
Визуелно, единствената разлика е додавањето на Hybrid беџот на задната врата. 500X Hybrid добива нов преден амблем кој беше дел од унапредувањата за 2022 моделската година, додека Tipo Hybrid исто така е достапен во неодамна претставената SW Cross изведба, комбинирајќи ја практичноста на караван со кросоверски елементи. Двата модели исто така се достапни и во (RED) тримот со Passione Red екстериер, црн ентериер со црвени акценти и специјални логоа.
Fiat 500X Hybrid ќе се произведува во Мелфи, Италија, додека Fiat Tipo Hybrid ќе се произведува во Тофаш, Турција. Fiat ќе почне да прима нарачки за 500X Hybrid и Tipo Hybrid подоцна овој месец, а првите примероци ќе се најдат во европските салони во април.