fbpx

Ford ја прошири поставата на Ranger со прва PHEV верзија

Ford Ranger добива PHEV верзија базирана на 2,3-литарскиот EcoBoost мотор без да се загрозат неговите носивост и способности за влечење

Ford ја проширува поставата на Ranger со додавање на plug-in хибридна верзија која треба да пристигне на почетокот на 2025 година. Ranger PHEV ќе нуди опсег со нулта емисија од повеќе од 45 километри. „Синиот овал“ уверува дека електрифицираниот пикап ги задржува можностите за влечење, носивост и оф-роуд способностите на еквивалентот со погон на внатрешно согорување.

Погонската група го комбинира турбо 2,3-литарскиот четирицилиндричен EcoBoost мотор со електричен мотор и батерија со засега непознат капацитет. Ford не ги откри спецификациите, но вети дека plug-in хибридниот систем ќе испорачува „повеќе вртежен момент од кој било друг Ranger“, што значи дека ќе ги надмине оние 600 Nm од 3,0-литарскиот V6 турбодизел. Исто така, благодарение на електричното засилување, комбинираната моќност на PHEV сигурно ќе биде поголема од 273 КС на стандардниот 2,3-литарски Ecoboost.

Ford Ranger PHEV

Важен додаток на опремата е системот Pro Power Onboard, со повеќе приклучоци за струја на задната врата и внатре во кабината. Компанијата тврди дека батеријата на PHEV може да напојува „алатки и апарати на работно место или кампување во дивина“.

Пристигнува во 2025

Визуелно, полесниот начин да се разликува електрифицираниот Ranger од остатокот од гамата е отворот за полнење поставен на задниот браник, веднаш до капачето за гориво. Други карактеристики специфични за верзијата вклучуваат букви PHEV на страничните отвори и нов дизајн за 18-инчните алуминиумски тркала. Компанијата не ја покажа внатрешноста, но може безбедно да се претпостави дека дигиталната пилотска кабина ќе добие нова графика која ќе го прикажува статусот на полнење на батеријата и изборните режими на возење. Опремата ќе вклучува и голем број на системи за асистенција во возењето.

Ford Ranger PHEV

Ranger PHEV ќе влезе во производство кон крајот на 2024 година, а првите испораки се очекуваат на почетокот на 2025 година. Моделот е официјално потврден за Европа, Австралија и Велика Британија, но може да следат дополнителни пазари. Ford планира да понуди „широка палета на опции за погонски единици за клиентите во сегментот на пик-ап со средна големина“ што нè тера да се запрашаме дали на бензинските, дизелските и plug-in хибридните погонски единици ќе им се придружи и батериска понуда понатаму во иднина.

Поврзани вести

Back to top button