Ford најавува враќање на развојот на патнички возила за Европа

Форд најавува враќање на развојот на нови патнички автомобили за европскиот пазар, по години фокус на комерцијалните возила

По години кратења и фокус на комерцијални возила, Ford подготвува нова стратегија за европскиот пазар. Главниот извршен директор на компанијата, Џим Фарли, најави планови за рестартирање на развојот на нови патнички модели наменети токму за европските купувачи. Според информациите објавени од германскиот Automobilwoche, новата инвестиција била соопштена за време на видеоконференција со дилерите минатата недела, на која учествувал и Кристоф Хер, генерален директор на Ford за Германија, Австрија и Швајцарија.

Дилерите ширум Европа оваа вест ја оценија како „огромно олеснување“, бидејќи актуелната понуда на патнички модели е ограничена, особено поради слабиот интерес за новите електрични модели.

Зошто Ford се враќа кон патничките автомобили?

Изминативе години, Ford се повлече од неколку клучни сегменти. Од производната програма беа повлечени моделите Fiesta, Focus, Mondeo, S-Max и Galaxy, што доведе до намалена понуда и незадоволство кај традиционалните купувачи и дилери. Продажбата на електричните SUV модели Explorer и Capri, базирани на платформата MEB на Volkswagen, не ги исполни очекувањата – Explorer во Европа има продадено 15.764 примероци, додека Capri само 5.068 возила во периодот јануари-мај 2025 година.

Покрај тоа, Ford значително го засили фокусот кон комерцијалниот сегмент, каде Ford Pro линијата учествува со речиси 20% пазарен удел во Европа. Ranger, како најпродаван пикап на континентот, и серијата Transit комбиња остануваат главен извор на приходи за брендот.

Нови модели – што да очекуваме?

Иако не беа соопштени детали за новите модели, најавата сигнализира стратешки пресврт. Од компанијата засега официјално не коментираат, но дилерите веќе побараа „конкретни понуди и решенија надвор од електричните возила“.

Во моментов, најпродаван патнички модел на Ford во Европа е малото SUV Puma, со 64.212 продадени единици во првите пет месеци од 2025 година. Следува Kuga со 44.573 примероци, додека Focus, чија продукција завршува на есен 2025 година, е на третото место со 32.499 продадени возила.

Со оглед на ваквата ситуација, очекувањата се дека Ford наскоро ќе претстави нови модели специјално развиени за европскиот пазар, кои ќе понудат повеќе од електрична алтернатива.

Поврзани вести

Back to top button