Франкфурт 2019: Škoda без нови модели, но со многу новини
На штандот на Škoda во Франкфурт се претставени верзии на нивните актуелни модели
Тргнувајќи од електричните Superb iV и Citigo-e iV, потоа Monte Carlo верзиите на Scala и Kamiq како и топ модификацијата на Superb Scout. Како и многуте други брендови, така и Škoda се пофали со своите електрични модели.
Целосно електричниот Citigo-е iV и новиот Superb iV со plug-in хибриден погон се првите модели на производителот, кои влегуваат во ерата на мобилноста. Хибридниот Superb iV е опремен со бензински TSI мотор со зафатнина од 1.4 литри во комбинација со електричен мотор и вкупна максимална моќност од 218 коњски сили. Автомобилот може да патува до 55 километри во чист електричен режим, додека во комбинација достигнува одлични 850 километри.
Помалиот Citigo-e iV доаѓа со електричен мотор од 83 коњски сили со вртежен момент од 210 Nm и литиум-јонска батерија од 36,8 kWh, ветувајќи опсег во чист електричен режим до 265 километри.
Како што и се најавуваше претходно, нивото на опрема Monte Carlo е додадено во понудата на Scala и Kamiq. Овие верзии добиваат голем број стилски измени и надградби на опремата. Новините вклучуваат црни алуминиумски фелни, нови завршни акценти по надворешноста, спортски спојлери, спортски предни седишта, контрасни шавови, метални педали и кожни прекривки за воланот и менувачот.
Кај топ модификацијата на Superb Scout, компанијата отишла чекор понапред со тоа што е воведен модот off-road, за оние кои сакаат да пропатуваат низ некои нерамнини. За разлика од комби верзијата, Superb Scout е со 18 инчни тркала, а достапни се и опционалните 19-ки.
Во внатрешноста, новиот Superb Scout има минимални промени. Освен елементите од дрво, на повеќе места може да се сретне и Scout логото, како и специфичната ткаенина која е користена за седиштата. Со доплата, клиентите ќе можат да одберат и ентериер во комбинација на кожа и алкантара.
Приклучувајќи се на Scout семејството, Superb ќе биде достапен на пазарот само со најсилните мотори на групацијата, односно 2.0 TSI и 2.0 TDI агрегатите. Бензинскиот е со моќност од 272 коњски сили и 350 Nm вртежен момент, додека кај дизелскиот погон моќта е ограничена на 190 КС и 400 Nm. И кај двете верзии, достапен е исклучиво седум степениот DSG автомсарски менувач.