Genesis го претстави новиот GV60
Откако пред повеќе од еден месец за прв пат го покажа својот електричен кросовер GV60, компанијата Genesis сега премиерно ги претстави комплетните детали
Целосно новиот Genesis GV60 ја доживеа својата премиера, откако јужнокорејскиот производител на специјален онлајн настан ги претстави деталите за својот прв исклучиво и целосно електричен кросовер. Она што беше познато уште претходно е дека новиот GV60 е поставен на истата E-GMP платформа како и Hyundai Ioniq 5 и Kia EV6, а ќе се нуди во стандард со погон на задните тркала, стандард со погон на сите четири тркала и перформансни варијанти.
Сите модели ќе ја добијат истата 77,4 kWh батерија, а базичната верзија ќе има единечен електромотор на задната оска кој ќе испорачува 228 КС и 350 Nm вртежен момент. Од друга страна, стандардниот модел со погон на сите четири тркала има електромотор со моќност од 217 КС на задните и електромотор со моќност од 100 КС на предните тркала, што резултира со вкупна системска моќност од 317 КС и 605 Nm. Од Genesis најавуваат опсег на движење од 451 километри за стандардната верзија со погон на задни тркала, односно 400 километри за стандардната изведба со погон на сите четири тркала.
Различни верзии со различна моќност
На врвот на понудата се наоѓа перформансниот модел со два електромотори од по 217 КС на двете оски, за комбинирана системска моќ од 435 КС и 605 Nm вртежен момент. Оваа варијанта може да помине до 368 километри со едно полнење, а со стандардниот Boost режим вклучен може да го достигне спринтот од нула до „стотка“ за четири секунди. Иако Genesis е познат по своите луксузни модели, сепак го опреми GV60 и со Drift режим.
Електричниот кросовер е првиот модел на Genesis кој го добива новиот електричен Active Sound Design (e-ASD) систем. Овој систем испорачува различни возачки звуци преку звучниците зависно од возачкиот режим. Купувачите можат да изберат меѓу „Futuristic“, спортскиот „G-Engine“ кој го имитира моторот на внатрешно согорување, или „E-Motor“ звукот кој го „реосмислува звукот на електромоторот“. Road Active Noise Control технологијата исто така пристигнува како стандард.
Genesis го опреми GV60 и со електричен диференцијал со ограничено пролизгување и Preview Electronic Control Suspension кој користи информации собрани од предната камера и навигацискиот систем со цел да препознае испакнатини на патот и да ја подеси амортизационата сила на системот за потпирање навремено. Моделите со погон на сите четири тркала исто така добиваат и Disconnector Actuator систем, што значи дека сопствениците ќе можат слободно да менуваат помеѓу погон на задните или сите четири тркала, зависно од возачките услови.
Напредни технологии
GV60 добиви 400/800-волтен мулти рапиден полначки систем кој овозможува 350 kW ултра брзо полнење, што значи дека батеријата може да се наполни од 10 до 80 проценти за само 18 минути, а возилото може да се користи и како мобилен извор на моќност преку Vehicle to Load функцијата.
Кабината се одликува со карактеристики уникатни за Genesis GV60. Тука се вклучени новата генерација на инфозабавен систем на компанијата кој беспрекорно ја спојува соддржината низ инфозабавниот екран, дигиталниот инструмент кластер и head-up екранот. Исто така, ова е првиот модел на Genesis кој добива Bang & Olufsen аудио систем и пристигнува со 17 звучници. Не треба да се заборави ниту Face Connect системот кој му овозможува на возилото да го препознае ликот на возачот со цел да ги отклучи или заклучи вратите. Благодарение на Crystal Sphere селекторот на брзини кој е карактеристичен за производителот, ентериерот на GV60 се истакнува уште повеќе.
Купувачите можат да изберат 11 различни бои за екстериерот, меѓу кои и четири нови бои за опсегот на Genesis наречени Sao Paulo Lime, Hanauma Mint, Atacama Copper и Atacama Copper Matte.
Како стандарден дел од опремата моделот пристигнува со голем број безбедносни карактеристики, Тука се FCA системот, асистенцијата за одржување на коловозната лента, асистенција за избегнување судир во слепа точка, асистенција за безбедно излегување од возилото, интелигентна асистенција за ограничување на брзината, паметен темпомат, асистенција за возење на автопат, Surround View Monitor, Rear View Monitor, Rear Cross Traffic Collision асистенција, предупредување за паркинг дистанца напред, назад и на страните, асистенција за далечинско паметно паркирање и уште неколку други системи.
Genesis допрва треба да објави кога GV60 ќе биде лансиран на пазарот и колку ќе изнесува неговата цена.