Honda ги објави првите фотки и детали за Civic Type R
Јапонскиот производител ги објави првите официјални тизери за престојниот Civic Type R кој ќе биде претставен следната година
Перформансниот знаменосец во понудата на Honda, новиот Civic Type R, ќе пристигне следната година, а јапонската компанија ја започна тизер кампањата со објавување на првите две фотографии од камуфлираниот прототип. Според најавите, Civic Type R би требало да биде последниот чистокрвен модел со мотор на внатрешно согорување на Honda во Европа, со оглед на тоа дека јапонскиот производител се насочи кон електрификацијата.
Инаку, во објавата на Honda се прикажани две тизер фотографии од камуфлираниот прототип, прикажувајќи ги редизајнираните аеро компоненти на пониските Civic варијанти. Иако со агресивна става, новиот Type R делува почисто во однос на својот претходник, со посуптилен пристап кон спортскиот изглед.
На предниот дел се наоѓа поголемата решетка со голем централен отвор за воздух. Предните и задните крила делуваат пошироко отколку кај обичниот Civic хечбек, додека зад големите тркала се наоѓаат Brembo сопирачките со црвени шапи. Исто така, забележливи се екстензиите на праговите со интегрирани перки и малите отвори за вентилација на воздухот зад предните тркала.
На задниот дел се наоѓа фиксирано големмо крило кое изгледа помалку екстремно во однос на претходната генерација. На крајот, тука е нагласениот дифузер кој ги инкорпорира централно поставената издувна цевка со три завршетоци.
Honda не откри никакви информации за спецификациите на новиот Civic Type R, но според најновите извештаи, моделот ќе пристигне со унапредена верзија на турбо 2,0-литарскиот мотор кој испорачува повеќе од актуелниот модел (310 КС и 400 Nm). Ова ќе биде искомбинирано со пофокусирана поставка на системот за потпирање и перформансен сопирачки систем.
Производителот исто така откри дека новиот Type R ќе биде претставен во 2022 година, со оглед на тоа дека се уште има работа околу развојот на моделот.