Honda ја претстави и хечбек верзијата на новиот Civic
Поставата на новата генерација на Civic се проширува, откако јапонскиот производител Honda официјално ја претстави и хечбек варијантата
Новата Honda Civic во хечбек изведба ја доживеа својата премиера, а без никакви изненадувања, дизајнот ги следи стапките на новиот седан, со што добива еден позрел стајлинг. Моделот кој Honda го претстави е наменет за американскиот пазар, додека оној со европски спецификации ќе пристигне нешто подоцна. Секако, хечбекот се одликува со некои свои карактеристики, како што е голната задна врата и уникатниот заден дел со интегриран спојлер. Оваа верзија исто така добива и потенки задни светла, кои се поврзани преку тенка лента која ги следи контурите на спојлерот.
Иако ја делат истата платформа и меѓуосовинско растојание, хечбекот е 12,4 сантиметри пократок од седанот. Од Honda истакнуваат дека петтата врата на ова издание е за 4,06 сантиметри поширока отколку што тоа беше случајот кај претходникот, но истовремено просторот во багажникот е нешто помал, бидејќи кај новата генерација тој изнесува 694 литри, 34 помалку од претходно.
Остатокот од автомобилот наликува на седанот кој својата премиера ја доживеа порано, а тука е и препознатливиот ентериер со модерен дизајн. Пред возачот е поставен 7 или 10,2-инчен дигитален инструмент кластер, а до него се наоѓа 7 или 9-инчен екран на допир од инфозабавниот систем. Истиот доаѓа со компатибилност за Android Auto или Apple CarPlay.
Она што е најважно да се истакне кај оваа варијанта е тоа што хечбекот е попрактичен од седанот, бидејќи има 60/40 деллива задна клупа со што се овозможува уште поголем капацитет на багажникот. Од Honda не откриваат колку ќе изнесува тоа, но од компанијата напоменаа дека патниците на задната клупа ќе уживаат во 36 милиметри дополнителен простор за своите нозе.
Во Европа со хибриден систем како стандард
Под хаубата се наоѓаат два различни мотори, вклучително и базичниот 2,0-литарски четирицилиндричен мотор кој испорачува 160 КС и 187 Nm максимален вртежен момент. Купувачите можат да се одлучат и за 1,5-литарскиот турбо четирицилиндричен мотор кој развива 182 КС и 240 Nm. Двата мотори доаѓаат во комбинација со шестстепен мануелец или континуирана варијабилна трансмисија. Сепак, шестстепениот менувач со кратки интервали е ограничен на Sport и Sport Touring нивоата на опременост.
Европската верзија на новиот Civic хечбек, освен што ќе има мали разлики во стајлингот, ќе биде достапен исклучиво со електрифициран погон, односно со новиот e:HEV хибриден систем уште од базичното ниво.
Кога станува збор за перформансите, хечбекот добива покрута структура, ретјуниран систем на потпирање и ревидиран управувачки систем кој ветува подобар фидбек за возачот. Промените помогнаа во унапредување на возењето и управувањето на моделот, а притоа се намалуваат бучавата, вибрациите и тврдоста при возењето.
Honda го лансира новиот Civic во хечбек изведба со унапредниот Honda Sensing пакет на системи за безбедност и асистенција. Истиот пристигнува со уште помоќен процесор, унапреден софтвер и камера со поширок агол на прегледност. Благодарение на овие промени, новите сопственици ќе можат да очекуваат побрзи реакции и поприродно сопирање при користење на адаптивниот темпомат.
Новиот Civic на европскиот пазар ќе пристигне на есен 2022 година, а според стајлингот ќе се разликува во однос на американската верзија, односно Европејците ќе го добијат глобалниот модел. Очекувано, детали околу цените засега нема, а истите ќе бидат познати нешто подоцна.