Hyundai Initium FCEV концептот најавува водороден SUV за 2025
Наследникот на Hyundai Nexo ќе може да патува над 650 километри помеѓу две точки, додека има посилен електромотор со 204 КС
Hyundai го претстави новиот концепт Initium, кој ја навестува идната генерација на SUV возила на водородни горивни ќелии и ќе биде наследник на моделот Nexo. Овој концепт го отелотворува новиот „Art of Steel“ дизајн јазик на Hyundai и најавува автономија од над 650 километри, со план за пазарно лансирање во првата половина на 2025 година.
Самото име „Initium“, кое на латински значи „почеток“, го симболизира стремежот на Hyundai да стане лидер во хидрогенската енергија, воведувајќи иновативен пристап кон технологијата на водородни горивни ќелии. Надворешниот дизајн на Initium е комбинација на елементи инспирирани од целосно електричниот Ioniq 5 и бензинскиот Santa Fe, со LED светлосни графики, изразени заштитни плочи, силен C-столб и накосено задно стакло. Концептот користи 21-инчни аеродинамични тркала и има робусен покрив со вградени светла.
Додека Hyundai не ја откри внатрешноста на Initium, компанијата ветува пространа кабина прилагодена за семејства, со поголема комфорност за патниците на задните седишта и поголем агол на отвореност на задните врати, што ќе го олесни влегувањето и излегувањето.
Initium доаѓа со моќен FCEV погон кој произведува 204 КС, што значи значително подобрување во однос на актуелниот Nexo со неговите 161 КС. Ова зголемување на автономијата е постигнато преку подобрувања на горивната ќелија и батеријата, овозможувајќи и до 650 километри поминат пат со едно полнење. Покрај ова, Initium овозможува функција V2L, што значи дека неговата енергија може да се користи за напојување на домашни уреди и лични електронски апарати.
Hyundai во Initium ја вгради и напредната технологија за планирање на рути за FCEV возила. Системот автоматски лоцира хидрогенски станици по должината на патот, проверувајќи ги нивната достапност, статус на работа и бројот на возила кои чекаат ред. Со ова, Hyundai се стреми да го намали главниот предизвик на FCEV возилата – мрежата за полнење.
Концептот Initium, кој ќе биде изложен на саемите во Лос Анџелес и во Гуангжу во ноември, претставува пресврт во историјата на Hyundai, кој започна со развојот на FCEV уште пред 27 години.