Hyundai Nexo со највисока оценка од IIHS
Hyundai Nexo е првото возило на горивни ќелии тестирано од страна на IIHS, освојувајќи го Top Safety Pick+ признанието
Институтот за безбедност на автопати – IIHS ја имаше својата првата средба со водородно возило, Hyundai Nexo. Тестирано по барање на автомобилскиот производител, автомобилот, достапен само во Калифорнија, постигна одлични резултати, добивајќи го Top Safety Pick+ признанието.
За да се квалификува за врвен рејтинг, возило мора да постигне „Добри“ оценки на шесте тестови, кои ја тестираат издржливоста на каросеријата, кровот, јакоста на потпирачите за глава и седишта. Исто така потребни се и супериорни оценки за спречување на фронтален судир, како и добар рејтинг на светлосните уреди. Корејскиот кросовер постигна одлучни резултати во сите области.
„Неговиот стандарден систем за спречување форнтални судири заслужува супериорен рејтинг. Возилото избегна судири во тестовите на патеките со брзини од 19 до 40 km/h и има систем за предупредување за ваков судир кој ги исполнува критериумите на Националната организација за безбедност во сообраќајот на патиштата“, изјавија од IIHS.
Водородниот кросовер во САД доаѓа со почетна цена од 58.300 американски долари, а основниот модел е опремен со LED предни светла, 17-инчни алуминиумски фелни, синтетичка кожа, загреани и електрично-прилагодливи предни седишта и голем број на системи за помош при возењето, како автоматско сопирање при итни случаи, предупредување за слепи точки и адаптивен темпомат.
Полнењето на резервоарот со водород е процес што трае 5 минути и на Nexo му овозможува возен опсег 612 километри. Автомобилот располага со моќност од 161 коњски сили и вртежен момент од 395 Nm, благодарение на кои од 0 до 100 тој забрзува за време од 9,6 секунди.