И Иџе дел од европскиот TCR шампионат

Несомнено најуспешниот македонски автомобилски ас во последниве неколку години на меѓународна сцена, Игор Стефановски, популарниот Иџе, на голема радост на неговите фанови и годинава ќе го видиме во TCR шампионатот

Новиот „придружник“ на Иџе кон новите предизвици ќе биде и Hyundai N30 TCR.
Одлуката за да се најде во ова ново според структурата и поставеноста натпреварување, кое има континентална поделба, како што истакна „Летечкиот Македонец“, е донесена во последен час. ETCC шампионатот, во кој се натпреваруваше Иџе во изминатите две години, веќе не постои, па македонскиот возач во последен момент се пријави за учество на новиот TCR шампионат, кој секако е нов поголем предизвик. Интересно е да се спомене дека во ова натпреварување годинава ќе имаме двајца асови, Иџе и Виктор Давидовски, кој пред неколку дена исто така го промовираше својот автомобил и најави атак кон нови врвни достигнувања, на кои сме навикнале од нашите проверени автомобилски имиња. За разлика од Давидовски кој ќе вози Honda Civic Type R TCR, Иџе ќе седне зад управувачот на еден сосема „нов играч“ во ваков вид натпреварувања, моделот на Hyundai N30.


– Минатата година добив покана од Hyundai, кој подготвуваше и развиваше свој адут за официјален влез во TCR. Ми понудија да го тестирам возилото и тоа го сторив на патеката „Тацио Нуволари“ во Италија. Имав извонредни импресии од поминатите километри зад автомобилот и со мојот тим се согласивме дека ова остварување на корејскиот производител има голем потенцијал. Преговорите течеа, за жал бавно, но сепак возилото го порачавме и го најавивме учеството во шампионатот. Нарачката е откако помина официјалниот рок, па сега ќе бидеме последни што ќе го добиеме, на само неколку дена пред првата трка во Франција. Во контакт сме со седиштето на Hyundai Motosport во Германија, чекаме од нив да не известат кога ќе го преземеме, но веќе е извесно дека од таму ќе го транспортираме директно на патеката „Пол Рикар“, каде според календарот следниот викенд е веќе првата рунда од шампионатот, истакна Стефановски.
Поради познатите причини и претумбации од едно во друго натпреварување, замирањето на WTCC и ЕTCC, во ова ново континентално автомобилски натпреварување ќе претстои голема битка, меѓу врвни имиња на автомобилскиот спорт, конкуренцијата ќе биде жестока.
– Во изминатите неколку години би рекол дека се искаливме на свој начин во светот на автомобилските европски натпреварувања. Бевме дебитанти во шампионатот на ридски патеки, па потоа и во ETCC, но се минувавме „чекор по чекор“, ги учевме сите лекции, па сега тоа искуство секако ќе биде особено добредојдено. Очекувам на некои трки да има пријавено и над 30 возила, а меѓу нив секако да бидат и најсилните ривали, конкуренцијата навистиона ќе биде и повеќе од жестока. Секој бод ќе биде вреден, а да не зборуваме подиум. Но, веќе напоменав имам навистина прекрасен тим на механичари, кои заедно со главниот инженер Мирослав Растовиќ, ќе ми помогнат и оваа година да го дадам својот максимум и да се обидеме уште еднаш да го развееме македонското знаме на некоја од европските патеки.

Календар на трки

За европскиот TCR шампионат се планирани 26 позиции, а една од нив е резервирана за нашиот Иџе. Веќе се познати и датумите на трките за оваа сезона, која стартува со трката на 5-6 мај на патеката Circuit Paul Ricard Le Castellet во Франција. По неа следи трката на 20-21 мај на Circuit Zandvoort во Холандија. Во периодот јуни-октомври се закажани по една трка месечно, и тоа на 9-10 јуни на патеката Circuit de Spa-Francorchamps во Белгија, на 7-8 јули на Hungaroring во Унгарија, на 18-19 август на TT Circuit Assen во Холандија, на 22-23 септември на Autodromo di Monza во Италија и на 20-21 октомври на Circuit de Barcelona Catalunya во Шпанија. Имајќи предвид дека зад европската TCR серија стои медиумскиот спортски гигант Eurosport Events, настапите на Стефановски и Давидовски ќе бидат пренесувани на преку 50 мрежи ширум светот.

Поврзани вести

Back to top button