fbpx

Со новата Ibiza, најмоќните Leon и Ateca на NAVAK

Организаторите на едно невообичаено обмислено дружење на патеката NAVAK кај Белград ни ги претставија: новата петта генерација на Ibiza во FR изведба, потоа Ateca со истото пакување и најмоќниот Leon во гамата Cuprа ST со 300 KС

Организаторите на едно невообичаено обмислено дружење на патеката NAVAK кај Белград ни ги претставија: новата петта генерација на Ibiza во FR изведба, потоа Ateca со истото пакување и најмоќниот Leon во гамата Cuprа ST со 300 KС!  Првиот ден на летото годинава ни мина дружејќи се со најновите, пред сè добро набилдани, Сеатови изданија.

На патеката NAVAK крај Белград и на дел од патиштата околу неа имавме можност да ги возиме новата петта генерација на Ibiza, која како што ни беше најавено се очекува наскоро да се најде во продажба и кај нас, потоа FR изведбата на кросоверот од Ateca, како и посебно подготвените изданија за офроуд полигонот и секако караванското издание на Leon, кое кон своето име го има додатокот Cuprа ST.

NAVAK

На почетокот на презентацијата одговорните од Seat се пофалија со извонредните постигнувања во последната година на планот продажба, истакнувајќи дека тие се најдобрите во историјата на брендот. Беа реализирани вкупно 408.700 единици, што беше пораст за 2,2%. И годинава се бележат извонредни резултати, а особено беше добар април со зголемување на продажбата за 16% во однос на истиот период минатата година.

Овие достигнувања се очекува да бидат и подобри со оглед на тоа што наскоро во продажните салони пристигнува новата Ibiza, а до крајот на годината се очекуваат комплетно новите кросоверски остварувања позиционирани под и над Ateca.

Субкомпактната изведба веќе има име и ќе се вика Arona, а за повисоката SUV комбинација во тек е конкурсот за неговиот назив. Можеби ѕвезда на презентацијата беше Leon Cupra ST, но како што ни беше предочено од Сеатовиот маркетинг тим, многумина од новинарите во текот на презентацијата, кои ќе пристигнат во главниот град на Србија, за прв пат ќе се запознаат со петтото поколение на Сеатовиот бестселер-Seat Ibiza.

NAVAK

Токму меѓу нив бевме и ние, кои бевме дел од оној спектакл на нејзиното претставување во Женева, но овој пат можевме и да ја испробаме. Moра во контекст на ова да ја потенцираме и поставката со која беа одбележени 33 години од стартот на производството на моделот, во посебен шатор крај патеката. Петтата генерација на моделот се одликува со целосно нов дизајн преку кој се одразува спортскиот карактер на SEAT.

Моделот продолжува да ги носи гените на марката, но со поекспресивен изглед, со повеќе акценти и возбудливи аеродинамични површини. Водечкиот модел на шпанската марка го задржува својот младешкиот, функционален, спортски и комфорен дух и го комбинира со свеж дизајн, под влијание на големите браќа Leon и Ateca. Компактниот модел е опремен со најновите технолошки карактеристики, спакуван е со извонредна динамика и импресивно подобрување во ентериерот за поудобно патување.

Новиот SEAT Ibiza е целосно нов модел, создаден со амбициозната цел да направи важен чекор напред во однос на безбедноста, дизајнот, претставувањето и удобноста. Овој огромен напредок во квалитетот се постигнува благодарение на новата модуларна платформа MQB A0.

NAVAK

Што се однесува до FR верзијата која нам ни беше претставена би ги издвоиле LED светлата и некои детали по кои новиот SEAT е препознатлив веднаш. Се одликува со заден дифузер, спортска суспензија и мускулест изглед. Новите тркала се со димензии од 18 инчи и се обоени во два контрастни нијанси. Спортскиот ентериер во моделот FR се одликува со рамен одоздола управувач и црвени шевови на тапацирот.

Во ентериерот се следат истите чекори во дизајнот од екстериерот, како во Leon и Ateca, но овој пат со нова визија. Додадена е повеќе емоции, уште технички карактеристики и прецизни линии, полесни пропорции, за да се постигне повеќе елегантен изглед и врвен квалитет. Новиот SEAT Ibiza се нуди со мотори кои одговараат на регулативата за емисија Евро 6. Меѓу предложените за избор опции се три бензински мотор со алуминиумски блокови и цилиндри.

Првиот е 1.0-литарски 3-цилиндерски TSI со моќност 95 или 115 КС, опремен со турбополнач и директно вбризгување. Новиот 1.5-литарски TSI 4-цилиндерски бензински турбомотор, кој развива моќност од 150 КС беше во моделот што го пробавме. Ефикасните дизел мотори 1.6 TDI ќе бидат достапни во варијанти со 80, 95 и 115 КС. Менувачите се 5-брзински мануелни за базните мотори и 6-степени за најмоќните агрегати. Како опција се нуди и 7-степен автоматски менувач со двојна спојка DSG.

Верзијата која нам ни беше на располагање беше спакувана со подобрено потпирање и некои спортски елементи и рака на срце ни го поткрена доволно адреналинот на потегот до Обедска бара, специјалниот природен резерват. Со најновото и прво кросоверско остварување на Seat, моделот Ateca се дружевме во два наврати.

Првиот кога нашите домаќини преку повеќе дисциплини на специјално подготвената патека ни ги покажаа теренските можности на Шпанката, која навистина беше бескомпромисна, а потоа кога ја испробавме на веќе споменатата дестинација и FR изведбата. Со Ateca FR се проширува расположливото портфолио на моделот, во кое во моментов фигурираат нивоата Reference, Style и XCellence.

Новиот предлог на шпанската марка доаѓа со адекватно на ова топ-ниво на опрема, но со дополнителен акцент на динамиката и спортското емитување. За таа цел возилото има црни шини на покривот и рамки на стаклата, специјални додатоци на предната решетка, со развиени за верзијата предни и задни браници, како и диодни дневни светла. Ateca FR доаѓа со 19-инчни фелни, црн заден спојлер, алуминиумски прагови со логото FR, повеќенаменски спортски управувач со кожен тапацир, спортски седишта, педали со алуминиумски влошки …

Ateca ќе се нуди со дволитарскиот TSI мотор со 190 коњски сили, што ќе им овозможи на идните сопственици на FR верзијата да избираат меѓу неколку бензински и дизел агрегати со максимална моќност од 150 до 190 КС. Достапен е исто така е и избор меѓу механички и DSG менувач, како и варијанта со погон на сите четири тркала. Јаготката доаѓа на крајот, домаќините ни го претставија обновеното набилдано комби- Leon Cupra ST што веќе располага со 300 КС.

Промените во надворешноста се минимални – нова графика за светлата и мала промена на предниот браник, а не е нешто за одбележување и она во внатрешноста на автомобилот, но Шпанците најважните промена кај обновениот Leon Cupra ST ја истакнуваат под хаубата. Тоа е модофицираниот 2.0-литарски TSI мотор кој има 300 КС и 380 Nm вртежен момент, што е за 10 КС и 30 Nm повеќе во однос на претходната верзија.

„Жешкото комби“ располага и со систем за погон на сите тркала и автоматски менувач со две спојки. Реновираниот SEAT Leon Cupra ST има и бројни системи за безбедност и адаптивна шасија.Сите овие вредности имавме можност да ги испробаме на патеката во друштво на прекалениот ас од патеките, некогашниот победник на Ле Ман, а сега дел од тимот на Seat, Жорди Жене, кој не го криеше задоволството да го сподели искуството од патеката со нас.

Прекрасен ден на NAVAK, a секоја чест и за професионалците кои ја опслужуваат и стопанисуваат со патеката, која на многу пати сме истакнале дека е можеби најголемото балканско богатство на ова поле.

Поврзани вести

Back to top button