Интервју со Алан Фавеј, Извршен Директор на Peugeot: За платформата STLA One и иднината на малите автомобили
Во ексклузивно интервју за Авто Плус, извршниот директор на Peugeot, Алан Фавеј, открива детали за идната стратегија на брендот

Неколку часа пред Peugeot да ги покаже двата концепта на Автомобилскиот салон во Париз, зборувавме со извршниот директор на брендот, Алан Фавеј, за она што стои зад ефектните премиери од типот на платформи, трошоци и стратегија. Со околу 1,1 милион продадени автомобили годишно, Peugeot е најсилниот глобален бренд во групацијата Stellantis, а токму таа сила му овозможува да ги поднесе високите трошоци за нови платформи, кои потоа ги користат и другите брендови.
Авто Плус: Peugeot често се споменува како бренд што ги отвора новите платформи во рамките на групацијата. Зошто токму Peugeot има таква улога и што тоа значи во пракса?
Алан Фавеј: Објаснувањето доаѓа од таму што Peugeot продава околу 1,1 милион автомобили годишно ширум светот и затоа се смета за глобален бренд, малку посилен од брендовите што имаат помал обем на продажба. Кога се започнува нова платформа, како што ќе направиме со STLA One следната година со новиот E208, таа се доделува на брендот што има „најшироки рамења“ и е во можност да го понесе трошокот. Развојот на нова платформа бара огромни вложувања, а бидејќи продаваме многу автомобили, можеме да ги апсорбираме тие трошоци. Откако платформата ќе се воспостави, ја користат и другите марки, како што е Opel и останатите што се дел од Stellantis. Затоа нашата улога како глобален бренд е да бидеме предводници во лансирањето нови платформи и нови технологии.

Авто Плус: Останатите марки под капата на Stellantis нудат мали, градски возила, дали во иднина се планира возило кое би можело да се смета за наследник на моделите 107/108 кои беа исклучително популарни градски автомобили?
Алан Фавеј: Не, во моментов немаме планови за помали возила. Нашето најмало возило е моделот 208, во бензинска и во електрична верзија. Ќе продолжиме со мултиенергетската стратегија, односно ќе нудиме различни типови погон на ист модел. Новиот 208 и новиот E208 ќе бидат изградени на платформата STLA One, која ќе биде многу ефикасна, но и многу исплатлива во производството. Што значи дека нашиот фокус засега е во друг правец и не планираме да одиме во сегментот на мали градски автомобили, тоа е дел од стратегијата на Stellantis.
Авто Плус: Што значи таа исплатливост за крајните купувачи? Какви цени може да очекуваат?
Алан Фавеј: Цените треба да бидат многу добри и многу прифатливи, токму благодарение на ефикасноста на новата платформа. Паралелно, ќе продолжиме да ги нудиме сегашниот 208 и сегашниот 2008 на платформата CMP. Тие ќе служат како алтернатива на електричните автомобили, во вид на хибридни возила, кои секако ќе бидат уште поатрактивни по цена.

Авто Плус: Како ќе изгледа вашата понуда во сегментот на мали автомобили кога ќе се спојат овие две стратегии?
Алан Фавеј: Мислам дека со овие две понуди, новата платформа STLA One и постојната CMP платформа со хибридни верзии, сегментот на мали автомобили ќе го покриеме многу добро. Во Б-сегментот, односно кај малите автомобили, денес имаме само два модели, а во иднина ќе имаме четири. Тоа значи двојно поголем избор за купувачите, со различни типови погон и во различни ценовни класи.
Авто Плус: Кога да ги очекуваме двата најавени концепти кои треба покасно да ги преставите низ улиците на европските градови?
Peugeot: Не, не планираме ниту еден од тие два концепта да бидат финални продукти, тие се користат како дел од истражување во поглед на дизајнот и новите технологии што потоа ќе бидат имплементирани во моделите кои доаѓаат. Во моментов зборуваме за само еден автомобил што ќе биде лансиран следната година во Кина. Во 2028 година ќе почнеме да го извезуваме од Кина, но не е планирано да дојде во Европа, туку за други пазари. Она што го најавивме е седум нови модели што ќе бидат лансирани од сега до 2030 година, меѓу кои прва ќе стартува новата генерација на 208… веќе во 2027 година.

Авто Плус: На крај, една технолошка новина, кои модели ќе ја добијат технологијата Hypersquare со управување „steer-by-wire”?
Алан Фавеј: Сите нови модели изградени на платформата STLA One ќе се нудат со оваа технологија, односно со Hypersquare „steer-by-wire“ системот, што значи дека таа ќе опфаќа модели кои се од Б, Ц и Д сегментот, како што се хечбек моделите, така и кросовер и СУВ изведбите. Моделите што ќе бидат лансирани на други платформи засега немаат можност за нејзино имплеметирање. Така STLA One станува носител не само на новите модели, туку и на најнапредните технологии кои наскоро ќе влезат во понудата на Peugeot.



