Jaguar Land Rover во лов на инвеститори
Сериозните проблеми за компанијата Jaguar Land Rover продолжуваат, откако таа објави огромни загуби во последниот квартал, пишува весникот Autocar.
Jaguar Land Rover треба да обезбеди инвестиција во износ од 1 милијарда долари во наредните 14 месеци, за да може да се компензира претстојното исплаќање на дивиденди по акции, а исто така и да продолжи да инвестира во развој на електрични возила.
„Во моментов условите на пазарот не се поволни и нашите акции се тргуваат под номиналната вредност, што е последица на финансиските резултати. Ја следиме ситуацијата и се надеваме дека ќе успееме да ги исплатиме обврските штом пазарот го дозволито“, коментираат од компанијата.
Пред една недела британскиот производител објави загуби од 3,4 милијарди фунти (4,38 милијарди долари), кои се должат на падот од 35% на продажбата на најголемиот пазар – оној во Кина. За да се надомести тоа, компанијата започнува со кратење на 10% од вработените, кои ќе влијаат на 4500 луѓе.
Финансиските експерти сметаат дека токму справувањето со тешкотиите во Кина ќе одигра клучна улога за иднината на Jaguar Land Rover.