JP Zero: Австриски суперавтомобил базиран на Lotus Exige и чини 650.000 евра
Австриската компанија Jubu Performance го претстави својот суперавтомобил за кој треба да се издвојат најмалку 249.000, односно најмногу 650.000 евра
Jubu Performance го претстави својот суперавтомобил JP Zero, тркачки автомобил од GT2 класата со карбонска каросерија, а кој е базиран на Lotus Exige.
„Ја искористивме фантастичната шасија на Exige и на истата развивме сосема нов автомобил. Речиси се, од системот на потпирање до управувачот, е целосно ново, дизајнирано и произведено во нашата фабрика во Австрија. За време на развојниот процес се фокусиравме на едноставноста и леснотијата“, изјави Мартин Јунг, основачот на компанијата Jubu Performance.
Верзијата на моделот JP Zero која е претставена на фотографиите се напојува со 3,5-литарски битурбо V6 мотор, а постојат и уште три други верзии – ZEROrace, ZEROtrack и ZEROstreet. Тркачката верзија ќе се натпреварува во GT2 класата, додека „патничката“ верзија ќе биде луксузен суперавтомобил со карбонска каросерија. Возачите ќе можат да ја прилагодуваат моќноста на моторот со помош на копче, со што истата може да се зголеми од 410 на 610 КС. ZEROstreet верзијата наменета за патиштата може да развие и до 740 КС.
Специјално дизајнираниот седумстепен менувач со двојна спојка нуди одлична комбинација, односно најдоброто од автоматскиот и од секвенцијалниот менувач.
„Тоа е едно од нашите најголеми достигнувања во текот на овој проект. Нашиот DCT менувач е лесен за употреба и може да му парира на секој секвенцијален менувач на патеката. Меѓутоа, ако сакате да се опуштите, можете да го префрлите од мануелен во автоматски мод и потоа да уживате“, додаде Јунг.
ZEROrace верзијата е тешка само 960 килограми, што значи дека е мошне брз и агилен. Испораките на ZEROrace и ZEROtrack верзиите ќе започнат на пролет 2021 година, додека ZEROstreet нема да пристигне се до пролетта 2022 година. Основната цена за верзијата ZEROtrack изнесува 249.000 евра, а верзијата ZEROstreet може да чини и до 650.000 евра. Jubu Performance ќе произведе по 20 примероци од секој модел, односно вкупно 60 автомобили.