fbpx

Кореа Ауто Трејд со официјален став за случувањата со Hyundai во Македонија

По промената на официјалниот застапник и дилер на Hyundai во Македонија, од Кореа Ауто Трејд се огласија со соопштение до јавноста

Веќе е познато дека од 1 јануари годинава Македонија доби нов импортер на Hyundai возилата, со што по цели 25 години и 20.000 продадени возила, Кореа Ауто Трејд ја прекинува својата соработка со Hyundai Motor Company.

Како причина за прекин на соработката од Кореа Ауто Трејд ја посочуваат реорганизацијата во овој дел од Европа по промените кои се случија во Hyundai Motor Europe и новите услови, кои како што велат, не сакале да ги прифатат, со што е ставен крај на успешната соработка која траеше две и пол децении. Како што истакнаа на официјалната прес-конференција, Кореа Ауто Трејд не прифати по 25 години импортерство и официјално застапништво да падне на ниво на дилер, иако успешно ја извршувале својата работа од своето основање во 1995 година.

Исто така, нагласија и дека и покрај повлекувањето од соработката со Hyundai Motor Company, Кореа Ауто Трејд редовно ќе ги извршува своите дејности во областа на продажба и одржување на сите Hyundai возила до крајот на годинава за новите и постоечки клиенти, бидејќи според договорот со Hyundai Motor Company, при прекин на соработката, тие се должни да ги услужуваат досегашните клиенти, за кои, како што истакнаа, сепак се најважни за нив. Од Кореа Ауто Трејд истакнаа и дека очекуваат во следните неколку месеци да ги продадат сите возила кои ги имаат на залиха.

Од КАТ посочуваат дека клиентите имаат право да ги одржуваат своите возила во нивниот сервис

Во официјалното соопштение тие ги потсетија своите досегашни клиенти дека имаат право да ги одржуваат своите возила во овластениот сервис за Hyundai во Кореа Ауто Трејд, без да ги оштетат правата на гаранцијата, иако изминатиот период се појавија некои поинакви информации.

„Кореа Ауто Трејд го издава ова соопштение до сите клиенти, новинари и пријатели со цел да се создаде појасна слика за случувањата со брендот Hyundai. На 31.12.2019 година, Кореа Ауто Трејд престана да биде овластен дистрибутер за Република Македонија и Косово. Оваа година продолжуваме со извршување на своите дејности во делот на продажба и одржување на Hyundai возила. Ова го преземаме како обврска исклучиво поради своите клиенти кои ги негуваме веќе 25 години. Поради тоа, ги известуваме сите сопственици на возила од овој бренд кои се се уште под гаранција дека до крајот на 2020 година имаат право да ги одржуваат возилата во сервисот на КАТ, без да ги оштетат правата на гаранцијата. Секако, и оние возила кои се надвор од гарантниот рок можат да се одржуваат во најспецијализираниот сервис за Hyundai возила кој постои 25 години. Сакаме да им се заблагодариме на сите клиенти кои низ сите овие години ни покажаа вистинска лојалност и веруваа во тимот на Кореа Ауто Трејд“, стои во официјалното соопштение.

Поврзани вести

Back to top button