fbpx

Краток тест Alfa Romeo Giulietta: Автомобилска пасија од Апенините

Giulietta е подготвена за својот лебедов танц. Адутот на Alfa Romeo во C сегментот по нешто повеќе од една деценија на пазарот полека се наближува до својата заслужена пензија, а Авто Плус имаше можност и на најдобар можен начин да се збогува со италијанскиот хечбек

Иако не станува збор за нов модел, Alfa Romeo Giulietta и понатаму успева да плени со својот безвременски стил. Од нејзиното претставување во 2010 година, па сè до денес, италијанскиот хечбек мина низ серија на обновувања и освежувања, а секој вистински љубител на автомобилите знае да го почитува она што Giulietta може да го понуди.

Беспрекорен дизајн

Кога станува збор за дизајнот, Giulietta го нуди сето она што можеме да го очекуваме од еден Alfa Romeo автомобил. Никого не остава рамнодушен, без оглед дали ви се допаѓа или не, едноставно успева да привлече внимание. Токму затоа кога станува збор за изгледот, италијанскиот хечбек делува без конкуренција. Прекрасните линии, карактеристичната предница со препознатливата решетка и необичниот стајлинг на фаровите, како и динамичниот изглед на задниот дел ја истакнуваат италијанската дизајнерска пасија. Треба да се истакнат и скриените рачки на задните врати, кои покрај стилско решение, треба да нудат и подобра аеродинамика.

Практичност во внатрешноста

Внатрешноста на Giulietta е многу поедноставна отколку кај конкурентите, делува и малку застарено, но некогаш тоа може да биде и голема предност, особено во време на сè поголемиот број на дигитални екрани во кабините. Физичките команди се поставени одлично, очигледно е дека дизајнерите во Alfa Romeo се врвни мајстори кога станува збор а ергономијата, а ниската поставеност на возачкото седиште нуди спортско доживување. Управувачот е обвиен во кожа и нуди одлично чувство при контрола на возилото, а класичниот и ретро стил на менувачот дополнително ги нагласува спортските карактеристики на овој автомобил. Едноставноста, спортското чувство и одличната поставеност на сите команди го ставаат во преден план она за што е наменет овој автомобил, а тоа е бескомпромисна забава зад управувачот.

Мани секако има, далеку од тоа дека кабината на Giulietta е изработена од најквалитетните материјали и тука конкуренцијата има мала предност, а крутоста во возењето нема да му се допадне секому. Пространост на совозачкото место има доволно, но проблемот настанува на задната клупа, особено доколку некој повисок застане зад управувачот. Возењето на кратки релации не би требало да претставува проблем, но долгите патувања можат да бидат вистински предизвик за патниците во вториот ред. Кога станува збор за капацитетот на багажникот, тој е сосема во ред и во согласност со класата и нуди 350 литри, а позитивната работа, како и кај секој хечбек, е големиот отвор кој нуди полесно складирање на багажот.

Giulietta

Уживање зад управувачот

Сепак, сите оние забелешки кои ги имаме едноставно како да исчезнуваат кога на ред ќе дојде возењето. Управувачот нуди сериозна прецизност, а шестстепениот мануелен менувач одлично реагира при менувањето на брзините, благодарение на нешто пократките степени.

 

Во денешно време се чини дека дизајнот во автомобилската индустрија е поважен од било кога, а знаеме дека Италијанците се неприкосновени на тоа поле. Ова, плус докажаните технологии и совршената комбинација со понудениот агрегат, 1,4-литарскиот бензинец со 120 КС и 215 Nm максимален вртежен момент, се аргументите со кои Giulietta може да се пофали и се уште да конкурира на пазарот, додека звукот кој се испорачува во кабината е приказна за себе. Генијалниот дизајн и забавното возење ветуваат љубов на прв контакт, а динамиката ќе ве потсети на она што е најважно кај ваквиот тип на автомобили – бескомпромисни возни карактеристики и уникатно чувство зад управувачот.

Giulietta

Италијанска спортска DNA

DNA системот за надзор на параметрите на работа на моторот, управувачот, системот на стабилност, па дури и сопирачките функционира генијално. Со стартувањето на моторот Giulietta е во основниот N режим на работа кој е наменет за секојдневно возење, а управувачот нуди прецизност доволна за некои умерени брзини, додека контролата на стабилност реагира беспрекорно. Со селектирање на режимот А (All-Weather), Giulietta веднаш добива одлични возачки карактеристики соодветни за возење по дожд или снег, управувачот станува попрецизен, а во случај да сакате да ја почувствувате суровата моќност на она што Alfa Romeo го нуди кај овој модел под хаубата, тогаш се избира D (Dynamic) режимот и добивате чувство како да возите автомобил кој нуди далеку поголема моќност од декларираните 120 КС.

Giulietta

Конкретниот модел кој го имавме на тестирање е Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 и пристигнува со 16-инчни алуминиумски тркала, мануелен клима-уред, 7-инчен екран на допир, темпомат, задна паркинг камера и ред други дотатоци. Кога станува збор за перформансите во оваа изведба, од нула до „стотка“ Giulietta стигнува за 9,4 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 195 километри на час. Кога станува збор за потрошувачката, таа е декларирана на 8,8 во градски услови, односно на 5,8 литри на 100 километри на отворен пат.

Giulietta, ваква каква што ја познаваме, полека се подготвува за својата заслужена пензија, така што оваа средба беше и своевидно последно рандеву. Но, Alfa Romeo не се откажува туку така од C сегментот, а новата групација Stellantis има големи планови за италијанскиот премиум бренд. Сепак, за тоа во некоја друга прилика.

Цена на тестираниот модел: 16.507 евра

Технички податоци за Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120:

Работна зафатнина: 1.368 cm3
Максимална моќ: 120 КС (88 kW)
Максимална брзина: 195 км/ч
Забрзување 0-100 км/ч: 9,4 секунди
Комбинирана потрошувачка: 6,9 л/100 км
Емисија на CO2: 157 г/км

Поврзани вести

Back to top button