fbpx

Краток тест Audi Q3: Роден да освојува

Како првиот SUV кој ги комбинираше компактните димензии со врвната off-road астетика, моделот Q3 на Audi му донесе продажба од преку 1,1 милион примероци од самото појавување на пазарот во 2011 година

Новиот Audi Q3 претставува компактен семеен SUV со повеќе таленти. Втората генерација на моделот се чини не само визуелно посигурна, туку сега изобилува и со простор, со што го оправдува делот „utility“ во SUV, а доаѓа и со сеопфатна прилагодливост и многу практични детали. Како и врвните модели на брендот, тој располага со дигитален кокпит со MMI и инфозабавен систем кои го поврзуваат новиот Q3 со неговата околина. Новите системи за асистенција го поддржуваат возачот при паркирање, во град и на долги патувања, при што заедно со ревидираната суспензија, влијаат врз зголемување на удобноста.

Спортски и самоуверен дизајн

Втората генерација на Q3 изгледа многу поспортски од неговиот претходник, благодарение на острите и аголни линии. Singleframe октагоналната решетка и големите отвори за воздух само го карактеризираат мускулниот изглед на предниот дел и го отсликуваат SUV-карактерот на автомобилот. Контурите на страничната силуета влечат инспирација од quattro ДНК-та на Audi, при што го прават автомобилот да изгледа уште пошироко.

Сепак, промените во задниот дел не се толку драстични, па може дури да кажеме дека повеќе ни наликува на освежување на тековната генерација, отколку на нова. Светлосните уреди добиваат ревидиран дизајн, со нов тек на LED лентите, а она што се разликува од претходната верзија е што сега тие се дводелни, внатрешниот дел е позициониран на багажната врата, додека пак другиот останува на просторот помеѓу браникот и крилото. На листата на измени е новиот заден браник, како и променетитот дифузер, кои допринесуваат кон поспортскиот изглед на кросоверот.

Надворешност 1/4 | Audi Q3 
Надворешност 2/4 |
Надворешност 3/4 | Audi Q3
Надворешност 4/4 |

    Препознатлив германски луксуз

    Со сигурност може да се каже дека најголемите промени се во внатрешноста на новиот Q3. Спортски карактер, затегнати линии, тридимензионални стилизирани елементи – ентериерот го продолжува дизајнот на надворешноста на многу самоуверен начин. Пред возачот поставен е дигитален инструмент кластер, понуден во две варијанти и тоа 10,25 и 12,3 инчни, заменувајќи го конвенционалниот аналоген панел со високо прилагодлив, целосен дисплеј во боја, кој има за задача да прикаже низа корисни информации поврзани со возилото.

    Централната конзола е поделена на две нивоа, каде во горниот дел се наоѓааат вентилациските отвори, а во долниот во октагонална рамка позициониран е MMI екранот на допир. Заедно со контролите за климатизација под него, тој е закосен за 10 степени кон возачот, со што се олеснува ракувањето. Нивото на луксуз е зголемено и со системот за амбиентално осветлување, кој ви овозможува да изберете помеѓу 30 различни нијанси на бои, кои поставуаат акценти за осветлување на главната конзола и на вратите, а најинтересниот момент кај овој систем е осветлениот амблем со логото на брендот поставено на таблата пред совозачот.

    Еластичен и енергичен погон

    Погонскиот спектар кај новиот Q3 e составен од четири различни конфигурации, и тоа три бензински и една дизел, сите во пакување од четири цилиндри со директно вбризгување и турбо полнење. Излезните моќности на понудените мотори се движат од 150 до 230 коњски сили, пренесени до предните или сите четири тркала преку шест-степен рачен или седум-степен автоматски S tronic менувач. Тестираниот примерок беше опремен со 2,0 литарскиот турбо дизел мотор, кој под ознаката „35 TDI“ испорачува моќност од 150 коњски сили, пренесена до предните тркала преку седум-степениот S tronic.

    Slide Внатрешност 1/4 | Audi Q3 
    Внатрешност 2/4 | Audi Q3
    Slide Внатрешност 3/4 | Audi Q3 
    Внатрешност 4/4 |

      Моќен, рафиниран и ефикасен погон, кој се карактеризира со енергичност и еластичност, токму онакви какви што се потребни за еден ваков мал SUV модел. Оптималната брзина и одзив на агрегатот пружаат одлично задоволство, кое станува уште поголемо со избирање на спортскиот возен режим. Тогаш, перформансните карактеристики нагло се менуваат, па така спортскиот и агресивен карактер на автомобилот доаѓа до израз. Забрзувањето до 100km/h се постигнува за време од околу 9,2 секудни, по цена од 8,7 литри гориво на 100 изминати километри.

      Удобност, агилност, управување…

      Дизајнот на возачката кабина, поставеноста на командите и нивната функционалност, ергономијата на седиштата, како и нивната поставеност, имаат навистина големо влијание во целокупниот комфор на возилото, за кое може со сигурност да се каже дека обезбедува високо ниво на удобност, како на кратките секојдневни градски релации, па така и на подолго растојание. Удобноста е задржана и во пределот на задната клупа, каде Q3 се однесува како вистински SUV модел и без проблем може да прифати тројца повисоки патници. Практичноста, како една од карактеристиките на моделот, е постигната и со прилично дарежливиот багажен капацитет, кој достигнува бројка од 530 литри, односно 675 со преклопување на задните седишта.

      Маневрирачки во градот, агилен на нерамни патишта, избалансиран на отворено – суспензијата на Audi Q3 нуди широка распространетост. Спортскиот карактер на претходникот е задржан, но зајакнат со јасна доза на дополнителна удобност и агилност. Конфигурацијата на тркалата обезбедува оптимален зафат со патната подлога, а благодарение на прогресивното управување, завртувањето на тркала е уште полесно и побрзо, но сепак постепено, со цел да се постигне прецизно одржување на автомобилот на патот.

      Цената на тестираниот примерок изнесува 48.451 евра.

      Технички карактеристики за Audi Q3 35 TDI:

      мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четири-цилиндарски, воденоладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 1968 cm3
      пречник и од 81 x 95.5 mm
      степен на компресија 16.2:1
      напојување четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, турбо полнач
      максимална моќ 150 КС
      макс. вртежен момент 340 Nm при 1750-3000 min-1
      трансмисија на предни тркала преку седум-степен автоматски менувач
      потпирање напред независен Макферсонов систем, позади независен мултилинк
      сопирачки напред вентилирачки дискови, позади дискови, ЕЅР, ABS
      пневматици 235/55 R18
      каросерија SUV со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4484 x 1856 x 1616 mm
      меѓуоскино растојание 2680 mm
      траги (напред/назад) 1584 x 1576 mm
      тежина 1580 kg
      максимална тежина 2155 kg
      багажен капацитет 530 литри
      резервоар 60 литри
      максимална брзина 207 km/h
      забрзување 0-100 km/h 9,2 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек)
      емисија на CO2 123-128 g/km

      Audi Q3 во Македонија:

      Audi Q3 35 TFSI 34.547 евра
      Audi Q3 35 TDI S tronic 38.007 евра
      Audi Q3 40 TFSI quattro S tronic Advanced 42.765 евра
      Audi Q3 40 TDI quattro S tronic Advanced 45.189 евра
      Audi Q3 35 TFSI S tronic S line 40.282 евра
      Audi Q3 40 TDI quattro S tronic S line 46.630 евра
      • Од 1ви Ноември ќе има промени во ценовникот

      Повеќе информации во Porsche Macedonia или на тел. (02) 2626 266.

      Конкуренти:

      Volvo XC40 од 32.190 до 57.390 евра
      Seat Ateca од 21.326 до 35.703 евра
      Mercedes GLA од 30.990 до 42.990 евра
      Mazda CX-30 од 26.480 до 38.980 евра

      Погледнете го новиот Q3 преку објективот на Авто Плус:

      Поврзани вести

      Back to top button