fbpx

Краток тест Hyundai i30: Многу повеќе од затегање на борите

Hyundai i30 има силни предиспозиции да стане класика по примерот на Toyota Corolla благодарение на добиената вредност за вложената сума, високиот квалитет, одличната безбедност, како и практичноста и комфор во возењето обединети во еден извонреден пакет.

Обновениот i30 делува прилично свежо и интересено по дотерувањето на надворешноста, но неговиот вистински адут во оваа прилика е скриен далеку од очите и се наоѓа под предниот поклопец.

Hyundai i30

По речиси 5 години на пазарот Hyundai одлучи да го освежи дизајнот на популарниот i30. Во случајов не можеме да зборуваме за радикални промени, но најголемите се јасно видливи. Ажурирањето на изгледот е најзабележлив на предниот дел каде што доминира новата решетка на ладилниот која е варијација на тема на она што веќе се имплементира кај новите генерации на i10, i20 и Tucson, со што истата зазема завидна површина од предниот дел на автомобилот. Во самите агли на браникот се сместени нови „параметриски“ LED дневни светла со впечатлив облик. На страните не е менувано ништо, а на задниот дел само сопствениците на моделите пред „facelift“-от можат да ги посочат минималните корекции на светлосните склопови и долниот дел од браникот.

Пример за одлично спакуван ентериер

Внатрешноста на i30 може да се смета за пример на распоред и ергономија од денот на неговата премиера. И по неколку години на пазарот во овој поглед i30 сеуште може самоуверено да се натпреварува со најдобрите во сегментот. Спецификацијата Premium додава и грст додатни елементи како и пристојно ниво на завршна обработка. Забележлив е новиот инструмент панел пред возачот кој ги комбинира дигиталните и аналогни инструменти во една целина на кој се истакнати сите примарни информации на едноставен и крајно прецизен начин.

Многу голем плус на сметката на Hyundai, за разлика од другите производители е тоа што не се откажа од нормалните контроли за аудио системот и климатизација. Иако сме поборници на новите технологии, се радуваме на присуството на физичките прекинувачи кои го прават животот зад управувачот далеку поедноставен. Новиот мултимедијален систем изгледа одлично, а сега користи и нов софтвер кој за прв пат го сретнавме во новата генерација на Tucson.  Затворајќи ја темата за внатрешноста, можеме да споменеме дека во кабината има повеќе од доволно простор за цело семејство, а во задниот дел и голем багажен дел со капацитет од 395 литри.

Мотор кој создава пријатно искуство

Основната погонска единица на моделот i30 е новиот 1,5-литарски атмосферски четирицилиндерски бензински агрегат. Речиси сите производители се повлекуваат од класичните бензински мотори со вбризгување во повеќе точки. Но, Hyundai лансира нов мотор изграден токму околу овој концепт. Некои ќе речат дека е станува збор за застарена технологија која не користи се што марката има на располагање. Затоа компанијата за нив создаде верзијата со турбо полнач и 160 КС. На хартија, моторот има 110 КС а највисокиот вртежен момент од 144 Nm кој се испорачува на границата од 3.500 вртежи во минута. Во пракса, неговата агилност делува како што се очекува. Дури и ни се допадна неговиот карактер, особено во опсегот на средна брзина. Со оваа работна единица нема да победувате на трки. Забрзувањето до 100 км/ч трае 12,3 секунди, а постигнува максимални 190 км/ч, но затоа неговата еластичност во секојдневното возење создава прилично пријатно искуство.

Hyundai i30

Добро пресметаниот рачен 6 степен менувач оди во пар со моторот и е одговорен за севкупниот позитивен впечаток. Така велат и бројките кога се споменува потрошувачката. Истата се движи во рамките од 6,5 до 7,5 литри на секои 100 километри. Управувањето е предвидливо и природено што одговара на комфорен стил на возење, а суспензијата е флексибилна со амортизација што особено одговара на нашите патишта. Да не бидеме погрешно сфатени, автомобилот може да се справи и со поостро темпо во свиоци доколку имате таква намера. Но, сепак инжињерскиот тим сметал дека удобноста при возењето е примерна. Особено затоа што кабината е доста звучно изолирана дури и при брзина на автопатот.

Можеби ова е најдобрата понуда на пазарот за луѓе кои се плашат од новитети и не сакаат да имаат мал мотор со три цилиндри под предниот поклопец.  Соодветен и разумен предлог на традиционален, атмосферски мотор со „вистинска кубикажа“ кој ја намалува загриженоста за идното одржување со употреба на технологии тестирани низ времето. Како дополнување на се доаѓа новиот изглед што само му помага да стане фаворит. Обновениот i30 е eдноставно одлично избалансиран автомобил без поголеми мани. Напротив, со повеќе јаки страни од колку што е вообичаено кога станува збор за „facelift“ на некој модел. Цените почнуваат околу 16.000 евра…

Hyundai i30

Цена на тестираниот модел: 20.400 евра

Технички спецификации за Hyundai i30 Premium 1.5 DPI

Работна зафатнина 1.498 см3
Максимална моќ 82 kW / 110 КС
Максимална брзина 187 км/ч
Забрзување 0-100 км/ч 12.3 секунди
Просечна потрошувачка 6,8 л/100км
Емисија СО2 136 г/км

Повеќе информации во Ми-Да и продажниот салон на Hyundai, или на официјалниот веб-сајт.

СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ. НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button