fbpx

Краток тест Hyundai Tucson HEV: Најмоќниот во поставата

Hyundai Tucson е модел кој дефинитивно ги достигнува очекувањата и ги исполнува замислите. Корејскиот производител направи полн погодок и сериозен напредок во однос на минатото, а веќе препознатливите состојки кои ги има кај „обичниот“ модел се претопуваат и кај хибридната верзија која имавме можност да ја тестираме изминатиот период

Tucson има посебно значење за Hyundai. Јужнокорејската компанија вложи сериозни ресурси, труд и напори да направи и да пласира нешто ново и уникатно на пазарот. Моделот кој дебитираше во 2004 година, низ текот на времето достигна статус на доверлив SUV модел, а со четвртата генерација, покрај одважниот стајлинг, пристигнува и хибридниот погон кој нуди беспрекорни возачки карактеристики.

Hyundai Tucson Hybrid

Со дизајнот нема премногу да се занимаваме, бидејќи врз истиот направивме осврт во претходниот тест. Овојпат фокусот ќе биде на хибридниот систем и што тој му носи на овој автомобил во модерното доба. За оние кои не знаат, моторизацијата кај новиот Tucson целосно се базира на 1,6-литарските мотори, без оглед дали тие се бензински, дизелски или хибриден погон. Редакцијата на Авто Плус во изминатиот период доби можност да го тестира Hyundai Tucson HEV 1.6 T-GDI со погон на две тркала и моќност од 230 КС и 350 Nm максимален вртежен момент, спакувани во Vision ниво на опременост.

Доверлив електрифициран погон

Хибридната поставка е спој на 1,6-литарскиот бензинец со 44,2 kW електромотор и литиум-јонска полимерна батерија со капацитет од 1,49 kWh. Новиот Tucson е развиен да ги намали емисиите без притоа да се направи компромис во забавата при возењето. Оваа верзија пристигнува со седумстепениот автоматски менувач, а благодарение на моќноста која ја испорачуваат моторот и електромоторот, ова е и најмоќниот Tucson во поставата.

И покрај малиот капацитет на батеријата, сепак хибридниот Tucson добива токму онолку моќност и стартност колку што му недостасува во останатите конвенционални модели, а тоа се чувствува и на прв контакт. Забрзувањето од место до „стотка“ се достигнува за околу 8,3 секунди, додека максималната брзина изнесува 193 километри на час, што е одлично ако се земе предвид габаритната каросерија тешка над 1.600 килограми. Притоа го нема динстиктивниот продорен звук на моторот како кај моделите на Toyota.

Во случајот со Tucson Hybrid треба да се истакне дека хибридниот систем работи и при умерено подолгите крстарења со брзина до 130 километри на час, а тоа, заедно со стартот и меѓузабрзувањето, влијае на конечната економичност на возилото, но нуди и одлични возачки карактеристики и уживање за оној кој се наоѓа зад управувачот, што е секако за пофалба, особено ако се земе предвид сегментот во кој припаѓа автомобилот. Инженерите на Hyundai направија и вистински баланс меѓу удобноста и крутостат на возилото, повторно, ако се земе предвид за тоа дека станува збор за SUV модел.

Одлична возна динамика

Декларираните бројки на Hyundai се дека хибридниот Tucson има комбинирана потрошувачка 4,8 литри, односно 5,3 во градски услови на 100 километри. Нашите бројки беа нешто повисоки (околу 7 литри), но сепак одлични имајки предвид дека се забавуваме многу со возилото, додека емисијата на CO2 изнесува 127 г/км.

Голем удел во возачката динамика има и менувачот кој е во форма на мала тастатура, што може да биде проблем на почеток, особено за оние кои се навикнати на мануелците. Зависно од изборот на режим, умее да биде и малку побавен во реакциите, но севкупно гледано, не влијае врз уживањето кое го нуди хибридниот систем.

Во однос на традиционалниот бензински или дизел модел, разликите кои ги нуди хибридниот Tucson се минимални (со исклучок на перформансите) а тука пред се треба да се истакне и багажниот капацитет. Кај дизел верзијата која ја имавме претходно на тест капацитетот изнесуваше 598 литри, а кај хибридниот истиот е 616 литри. Очекувано, со оглед на тоа дека е хибрид, тежината е нешто поголема од претходно.

Благодарение на уникатноста на екстериерот, користењето на врвните технологии, како и комфорот кој се нуди во ентериерот, Tucson сериозно допира и во премиум сегментот. Но, очигледно е дека Hyundai не сака да застане тука, а доказ за тоа е и хибридниот систем кој ги покажува врвните способности на корејскиот производител со што нивниот SUV модел останува на висина на задачата и ги исполнува очекувањата на купувачите.

Цена на тестираниот модел: 34.900 евра

Технички спецификации за Hyundai Tucson HEV 1.6 T-GDI Vision 2WD:

работна зафатнина 1598 cm3
максимална моќ 171 kW / 230 КС
максимална брзина 192 km/h
забрзување 0-100 km/h 8,3 секунди
комбинирана потрошувачка 4,8 л/100 км
емисија СО2 127 г/км

Повеќе информации во Ми-Да и продажниот салон на Hyundai, или на официјалниот веб-сајт.

Поврзани вести

Back to top button