fbpx

Краток тест Peugeot 3008 Hybrid4: Став и еко манири

Во овој сегмент сите се обидуваат да понудат нешто повеќе од останатите, а во случајот на Peugeot, лавот во хибридниот 3008 ги покажува острите заби, нескриено искажувајќи ги своите намери пред останатите дека сака да биде „алфа“ мажјакот што претендира да ги диктира правилата

Со текот на годините ги имаме испробано речиси сите изведби на моделот Peugeot 3008, како од првата така и од втората генерација. Но, со фејслифтот на актуелната генерација ни стигнаа и две електрифицирани изведби кои предходно не можеа да се добијат во понудата на моделот.

Иако само неколку дена пред почетокот на Ковид пандемијата имавме прилика да ги испробаме и двете верзии (само со преден погон и AWD) на хибридниот 3008 на специјалната интернационална презентација за електрифицирани модели на Peugeot во Шпанија, поради веќе познатите околност кои го зафатија целиот свет и сериозно ја погодија автоиндустријата дури сега имаме можност да ги возиме и на домашен терен, во Македонија.

Peugeot 3008 Hybrid4

Врвот на SUV понудата

Примерокот кој ни беше одстапен на неколкудневно дружење преставува вистинска перјаница во гамата на SUV модели од француската марка. Станува збор за моделот 3008 GT Pack Hybrid4 300 AWD e-EAT8. Но, што тоа конкретно значи во пракса? Во оваа прилика нема да се задржуваме на надворешниот дизајн, бидејќи ретко кој ќе може да го разликува од конвенционалните модели (французите играат на картата, електрифицираните модели да поседуваат идентичен изглед со нивните ICE верзии), и онака тешко кој може да даде било каква замерка на стајлингот.

Истото важи и за внатрешноста која од техничка гледна точка има добиено дополнување поврзани за управување со „модовите“ на работа и приказот на екранот пред возачот. Остатокот од внатрешноста е збогатен со врвни материјали од најфина „штепувана“ кожа и дрвени елементи како и голем панорамски кров. Од таа причина ќе се фокусираме на она што не може да се види со голо око и е скриено длабоко под каросериските облини.

Умешност на дело

Основата ја сочинува 1.6 литарскиот турбо PureTech бензинец што испорачува завидно ниво на моќ, еднаквa на 200 КС. Тука се и електро моторите. Оној на предната осовина располага со 108 КС (81 kW) а вториот што ги движи задните тркала има моќност од 111 КС (83 kW). Иако на прва бројката изгледа далеку поголема, по сложена математичка пресметка вкупната моќ на сите три работни единици е еднаква на округли 300 КС, што е повеќе од импресивно.

Изборот како ќе се користи расположивата енергија е оставена на возачот. Понудени се четири мода на работа, hybrid-иот кој доаѓа како стандард при стартување на возилото, потоа electric начинот на возење во кој тотално е анулирана употребата на бензинскиот агрегат. Преку sport опцијата се истиснува максималната сила од сите три мотори и 4×4 режимот кој акцентот го става на теренските способности преку паметно вклучување на задниот електро мотор и начин на испорака на неговата сила.

Возачот избира…

На почетокот се обидовме да возиме само на електро погонон. Според декларираниот опсег со полна батерија може да се изминат максимални 59 километри. Во реални услови на температури кои беа 10-на степени над нулата, батеријата од 13,2 kWh jа испразнивме во целост после поминати 44 километри. Што од друга страна значи дека дневните обврски низ град може да завршите без воопшто да користите фосилно гориво. Полнењето зависи од моќноста за трансфер на електрична енергија на полначот кој се користи, така што дополнување на празната батерија може да трае од максимални 6 часа и 30 минути до минимални 100 минути.

Со второто полнење стартувавме во хибридниот режим, кој на хибридниот 3008 му остава можност да одлучува сам дали да користи електрична енергија или да го користи бензинскиот мотор, или пак да ги комбинира и двете. Исто така, понудена е функција „e-SAVE“ која му овозможува на возачот да го сочува остатокот на електрична енергија за да ја користи по желба за време на неговото патување. Оваа одлика е особено корисна кога ќе влезете во урбана област. А, фактот што имате електричен мотор прикачен на задната осовина значи дека добивате и соодветен погон на четирите тркала кој е секогаш добредојден вон асфалтниот терен.

Вистинска „ѕверка“ во спортски режим

Peugeot 3008 Hybrid4За крај остана да го испрабаме и спортскиот режим на работа со кој речиси 1,9 тони тешкиот Peugeot 3008 се претвора во „ѕвер“ на патот. Забрзува до 100 км/ч за 5,9 секунди и незапирливо галопира кон законските ограничувања на брзината. Во овој случај се користат сите расположиви средста да се постигне посакуваното. Затоа и батеријата се троши побрзо, а потрошувачката на гориво се искачува далеку повеќе од декларираното. Она што секако оди во прилог е дека доколку 3008 се користи на вообичаен начин во хибриден режим на работа може да испорача потрошувачка која во просек се движи окoлу 4,5 литри на секои 100 изминати километри, како што пишуваше на патниот компјутер кога го вративме возилото.

Она што Peugeot го прави со својата гама во последните години како на дизајнерски така и во технолошки аспект добива одлична подршка од сите страни. Со воведувањето на хибридните модели во гамата на SUV возила француската марка дополнително покажува дека во моментов ја трасираат патеката која во блиска иднина ќе биде целосно електрична. Моделот Peugeot 3008 Hybrid4 300 AWD е прав показател дека моќната става може да се однесува максимално одговорно за околината во која опстојува со своите современи еколошки манири.

ПС. Вистински додаток и беше системот за ноќно гледање (Night Vision) кој многу интересно функционира во пракса. Деновите кога ние го имавме возилото немаше магла, во која верувам овој систем идеално ќе фунционира, па имавме само шанса да ги гледаме скопските фраери кој возат без светла.

Цена на тестираниот модел: 69.820 евра

 

Технички спецификации за Peugeot 3008 GT Pack Hybrid4 300 AWD e-EAT8
Работна зафатнина 1.598 см3
Максимална моќ 147kW/200КС(бензински мотор) + 81kW/108КС(ел.мотор-напред) + 83kW/111КС(ел.мотор-назад) = вкупна излезна моќ 300 КС
Максимална брзина 235 км/ч
Забрзување 0-100 км/ч 5,9 секунди
Декларирана просечна потрошувачка 1,7 л/100км
Емисија на CO2 29-39 г/км

 

Повеќе информации во продажниот салон на Еуроимпекс, или на официјалниот сајт на Peugeot во Македонија.

 

Поврзани вести

Back to top button