Lamborghini го претстави Huracan STO
Lamborghini официјално го претстави Huracan STO моделот, а судејќи според перформансите, ова ќе биде еден од најкомпетентните суперавтомобили на светот
Она што започна како шпекулација во март, сега е официјално – Lamborghini Huracan Super Trofeo Omologata пристигна. Како што имплицира и самото име, ова всушност претставува легална верзија на Squadra Corse тркачкиот автомобил и претставува директен наследник на Huracan Performante. За појаснување, STO значи широк опсег на унапредувања кои го прават суперавтомобилот на Lamborghini во ултимативен тркач кој останува да биде легален за патиштата. Тежи 43 килограми помалку од Performante, благодарение на користењето на карбон при изработка на повеќе од 75 проценти од каросеријата.
Новиот Lamborghini Huracan STO се напојува со атмосферскиот 5,2-литарски V10 агрегат кој не произведува ништо повеќе моќност од она што е случајот со Huracan Evo. Ова значи 640 КС, но разликата е во тоа што целата моќност оди на задните тркала, што е ексклузивно за STO. Од останатите поважни спецификации, треба да се истакне дека има и 565 Nm максимален вртежен момент, што всушност е помалку во однос на Huracan Evo (600 Nm), но исто така и 2.09 кг/КС сооднос тежина со моќност. Сето ова во превод значи дека до „стотка“ се стигнува за точно 3 секунди, до 200 км/ч се потребни точно 9 секунди, а максималната брзина изнесува 310 километри на час.
По примерот на своите Squadra Corse модели, италијанскиот производител успеа да ги максимизира аеродинамичките перформанси на Huracan STO, од браник до браник. Пример е хаубата, која всушност е единечна компонента (поклопецот, крилата и браникот), што е инспирирано од Sesto Elemento. Тука е и новиот преден сплитер кој го насочува протокот на воздух во подвозјето и задниот дифузер.
Унапреден дизајн за подобра аеродинамика
Новите задни крила се извлечени од Super Trofeo EVO, и служат како пренасочувачи на воздух кон моторот, со што се овозможува 30 проценти намалување на загубата на статичен притисок. Отворот за моторот на задниот дел има интегрирани отвори и дефлектори за воздух. Потоа, тука е истакнатата перка и прилагодувачкиот спојлер и CCM-R сопирачките. Според информациите, Huracan STO го достигнува највисокото ниво на аеродинамичен потисок во класата со најдобриот аеро баланс за автомобил со погон на задните тркала.
Освен тоа, Huracan STO пристигнува со зголемени траги на тркалата, поцврст систем на потпирање, побрзо менување на брзините, поостро управување (заедно со управување на задните тркала) и унапреден звук на моторот. Тука се и трите нови режими на возење – STO, Trofeo и Pioggia.
Кога станува збор за ентериерот, тука е изобилното користење на карбон во целата кабина, вклучително и спортските седишта, Алкантара тапацир со Lamborghini Carbonskin, карбонски патосници и панели на вратите, појаси со четири точки и новодизајниран простор за чување на шлем. Тука е и новиот дизајн на графиката на дигиталната инструмент табла како и целосно конектиран телеметриски систем кој овозможува следење на перформансите на патеката.
Благодарение на Lamborghini Ad Personam програмата, идните сопственици на Huracan STO можат да го персонализираат својот автомобил користејќи неограничен број на бои и трим комбинации.
Испораките започнуваат на пролет, а цените стартуваат од 249.412 евра во Европа.