fbpx

Lamborghini не се откажува од својот V12 агрегат

Голем број производители тврдат дека V12 е „мртов“ и дека веќе нема иднина, но Lamborghini не се сложува и најавува наследник на Aventador токму со овој агрегат

Италијанскиот производител Lamborghini потврди дека наследникот на Aventador и понатаму ќе го користи токму V12 моторот. Lamborghini Aventador беше претставен пред речиси една деценија, а неговиот наследник се очекува да пристигне веќе догодина.

Главниот технички директор на италијанската компанија откри неколку детали за новиот суперавтомобил, притоа истакнувајќи дека „V12 е дел од приказната на Lamborghini од самиот почеток“, со што Маурицио Реџиани потврди дека наследникот на Aventador ќе продолжи да нуди 12 цилиндри. Сепак, за да се зголеми економичноста и да се намалат емисиите, автомобилот исто така ќе има и „хибриден мотор“.

Реџиани истакна дека V12 ќе ги избегне турбо полначите и додаде дека електрификацијата ќе им овозможи „да ги пополнат слабостите на атмосферскиот мотор, особено кога вртежниот момент е слаб“.

Иако не сака да открива премногу спецификации, Реџиани исто така истакна дека автомобилот ќе има електромотор поставен напред. „Ако имате можност да користите електрична предна осовина со векторирање на вртежниот момент лево и десно, можете да направите нешто навистина исклучително во смисла да му се помогне на возачот при тракцијата и управувањето“.

Малку работи се знаат за новиот суперавтомобил во моментов, но според некои шпекулации автомобилот ќе се карактеризира со целосна карбон монокок шасија и два предно поставени електромотори. Исто така, постојат и некои најави за моќноста, кои треба да се земат со резерва. Сепак, можеме да очекуваме престојниот модел да биде помоќен од Aventador S кој има 6,5-литарски V12 мотор кој испорачува 740 КС и 690 Nm максимален вртежен момент. Ќе биде во комбинација со седумстепен менувач и систем за погон на сите четири тркала, што ќе му овозможи на купето до стотка да стигне за 2,9 секунди, а максималната брзина ќе изнесува 350 километри на час.

Lamborghini V12

Поврзани вести

Back to top button