Mazda го покажа новиот и целосно електричен 6e за Европа
Електричната Mazda 6e е ребрендирана верзија на новиот кинески EZ-6 и доаѓа со избор од две батерии и нуди домет до 555 километри
Европскиот пазар добива нов конкурент во светот на електричните седани, откако Mazda и официјално го претстави новиот 6e кој веднаш привлекува внимание со својот изглед.
Mazda 6e е европска верзија на кинескиот EZ-6, кој дебитираше минатата година. Станува збор за стилска лимузина која доаѓа со практична liftback задна врата. Следејќи го дизајнерскиот јазик Kodo, 6e се одликува со LED решетка која при полнење ги покажува светлата како „треперење“, што сигнализира статус на батеријата.
Дизајнот е заокружен со безрамни стакла на вратите, ниска линија на покривот и активен заден спојлер, што на автомобилот му дава спортски изглед. Задно управуваниот погонски систем ветува искуство во возењето кое ќе одговара на тој динамичен изглед.
Но, 6e не се истакнува со екстремна брзина, барем не во споредба со конкуренцијата. Mazda ќе го понуди автомобилот со две батерии. Помалата, со капацитет од 68,8 kWh, обезбедува до 483 километри автономија, може да се полни со брзина од 200 kW и да достигне од 10 до 80 проценти за само 22 минути, додавајќи 233 км за 15 минути. Поголемата батерија, со капацитет од 80 kWh, овозможува автономија од 555 километри, но ѝ требаат 45 минути за истото полнење.
Изборот на помала батерија овозможува моќност од 258 КС и забрзување од 0 до 100 километри на час за 7,6 секунди. Поголемата батерија намалува на 244 КС и додава две десетинки на времето за забрзување.
Кабината на Mazda 6e изгледа попривлечно со премиум чувство, а посебен акцент е ставен на дигиталните дисплеи. Пред возачот има 10,2-инчен екран за инструменти, дополнет со head-up дисплеј, а најголемиот дел од функциите на возилото се контролираат преку централниот 14,6-инчен екран на допир.
Mazda 6e ќе биде достапна во континентална Европа во втората половина на 2025 година, додека продажбата во Обединетото Кралство ќе започне на почетокот на следната година.