Mercedes-AMG го претстави екстремниот CLE 646
Mercedes-AMG CLE 646 Spezialanfertigung дебитира со 646 КС, V8 битурбо мотор и погон на задните тркала како дел од Mythos серијата

Mercedes-AMG официјално го претстави CLE 646 Spezialanfertigung, еден од најекстремните модели што германскиот производител ги создаде во последните години. Станува збор за втор модел од ексклузивната Mythos серија, инспириран од легендарниот C63 AMG Black Series, кој комбинира моќен V8 мотор, погон на задните тркала и радикално намалена маса.
Иако перформансите се импресивни, моделот нема да биде достапен за пошироката јавност – Mercedes ќе произведе само 30 примероци, а сите веќе се распродадени.

Моќен V8 мотор со 637 КС
Во срцето на Mercedes-AMG CLE 646 се наоѓа модифицирана верзија на 4,0-литарскиот M177 EVO V8 битурбо мотор, кој развива 646 КС и 850 Nm вртежен момент, достапни помеѓу 2.500 и 4.500 вртежи во минута.
За уште поемоционално звучно искуство, моделот сериски е опремен со Akrapovič титаниумски издувен систем, додека инженерите дополнително го подобриле системот за ладење со посебни кола за моторот, компримираниот воздух, менувачот и 48-волтниот електричен систем.

Заден погон наместо 4MATIC
За разлика од повеќето современи AMG модели, CLE 646 се откажува од погонот на сите тркала и користи исклучиво погон на задните тркала.
Дополнително е вграден електронски контролиран диференцијал со ограничено пролизгување, кој овозможува подобра тракција, но и значително подинамично управување. Силата се пренесува преку добро познатиот 9-степен автоматски менувач AMG Speedshift.
Mercedes-AMG наведува дека автомобилот забрзува од 0 до 100 km/h за 3,9 секунди, додека до 200 km/hстигнува за 11,4 секунди. Иако ова е нешто послабо време од актуелниот C63 S E Performance со хибриден четирицилиндарски мотор, новиот CLE 646 нуди далеку поавтентично AMG искуство благодарение на атмосферскиот карактер на V8 агрегатот и погонот на задните тркала.

Агресивен изглед со многу карбон
Надворешноста значително се разликува од стандардниот CLE Coupe. Моделот добива нов преден браник, голем карбонски сплитер, специјално обликувана хауба, проширени крила и масивен фиксен заден спојлер изработен од јаглеродни влакна, кој потсетува на легендарниот C63 AMG Black Series.
Поставени се гуми со димензии 305/30 ZR20 напред и 335/30 ZR20 назад, при што Mercedes користи технологии преземени од хиперавтомобилот AMG One.
Благодарение на широката употреба на карбон, елиминацијата на погонот на сите тркала и дополнителните промени на шасијата, CLE 646 е околу 170 килограми полесен од моделот на кој се базира. Сепак, неговата маса и понатаму изнесува 1.895 килограми.
За максимални перформанси, Mercedes-AMG развил специјална суспензија во соработка со KW, која користи четиринасочно прилагодливи амортизери со можност за индивидуално подесување на компресијата и повратниот од. Сериски се вградуваат и карбон-керамички сопирачки, со шестклипни предни клешти, дизајнирани да издржат екстремни оптоварувања при возење на патека.

Кабина подредена на перформансите
Филозофијата за намалување на тежината продолжува и во ентериерот. Mercedes-AMG ги отстранил задните седишта, вградил лесни спортски школка-седишта напред, карбонски панели на вратите, поедноставен аудио систем и можност за вградување тркачки сигурносни појаси.
Резултатот е кабина која е целосно ориентирана кон возачот и перформансите, без непотребни елементи што би ја зголемиле тежината.

Mercedes-AMG не ја откри официјалната цена на CLE 646 Spezialanfertigung, но потврди дека производството ќе биде ограничено на само 30 автомобили.
Иако моделот никогаш нема да стане масовно достапен, тој претставува еден од најекстремните AMG автомобили во поновата историја и духовен наследник на култниот C63 AMG Black Series, комбинирајќи моќен V8 мотор, погон на задните тркала и технологии развиени за врвни спортски автомобили.


























